Линкови за пристапност

НАТО ја презеде командата врз мировниците во Авганистан - 2003-08-11


НАТО денеска ја презема командата со Меѓународните сили за помош во безбедноста, или ИСАФ, откако година и пол различни земји ротираа во командувањето.

Овој трансфер е прва операција на НАТО надвор од Европа во неговата историја од 54 години и ја нагласува промената во улогата на НАТО од студената војна во новата цел против меѓународниот тероризам.

Преземањето на контролата врз ИСАФ од страна на НАТО значи и промена во процедурата во Авганистан. Од нивното формирање во декември 2001-та, командата со ИСАФ ротираше од Британците до Турците, а до неодамна тие беа под заедничка германско-холандска команда.

Но, НАТО вели дека сега планира да остане на чело на ИСАФ во блиска иднина, со што ќе се обезбеди континуитет на силите. Големо мнозинство на војниците во оваа мировна мисија се од земјите членки на НАТО.

Веројатно најголем проблем со кој ќе се соочи новата команда на ИСАФ ќе биде дали да се започне со распоредување на сили надвор од Кабул, за што се залагаат авганистанската преодна влада и голем дел од меѓународната заедница.

Додека се тврди дека безбедноста во градот е релативно стабилна, најголемиот дел од земјата го измачуваат банди, борби меѓу племенските водачи и напади од преостанатите припадници на соборената талебанска влада.

Минатата недела имаше голем пораст на насилството особено во јужен Авганистан кога милитантите извршија неколку големи напади врз хуманитарни работници и војници на владата.

Во инцидент во провинцијата Хелманд загинаа шестмина војници од новоформираната авганистанска национална армија и возач на странска хуманитарна организација.

Насилството ги принуди ОН да ги запрат сите свои мисии и патувања во погодените области во јужен Авганистан.

Но за географско зголемување на влијанието на ИСАФ ќе бидат потребни многу повеќе војници. Се проценува дека ќе бидат неопходни околу 10 илјади војници за да се прошири мандатот на силите во провинциите, покрај веќе постоечките 5 илјади војници.

Во меѓувреме, продолжуваат борбите на исток на земјата, додека американската армија заедно со авганистанските сојузници се борат против бунтовниците од Талебан и другите паравоени групи кои се против привремената влада.

Американските сили денеска соопштија дека во последната акција убиле озлогласен талебански борец и уапсиле тројца.

XS
SM
MD
LG