Американските воени претставници во Ирак велат дека од синоќешниот бомбашки напад во градот Бакуба, севереисточно од Багдад, загинал еден американски војник, а повредени се двајца други. Нападот уследил во време кога тензиите во градот Басра на југот на земјата, очигледно се смируваат по дводневните немири.
Деталјите за најновиот напад се уште се некомплетни, но според извештаите, инцидентот се случил доцна синоќа, пред полициска станица во Бакуба, што се наоѓа на 70-тина километри северно од Багдад.
Новинската агенција Асошиетед прес, цитира американски војник од местото на настанот, кој вели дека експлозивната направа најверојатно е рачно направена бомба.
Синоќа во Багдад се случил уште еден напад, кога во близина на британската амбасада биле испукани две гранати и притоа биле оштетени два камиона. Престрелки биле регистрирани и во јужниот дел на градот.
Во меѓувреме, од градот Басра доаѓаат информации за намалување на тензиите, по дводневните немири заради недостатокот на електрична енергија и гориво, при што загинале две лица.
Во одвоени инциденти за време на вчерашните немири во Басра, загинале двајцата припадници на обезбедувањето, едниот од Ирак, а другиот со потекло од Непал. Во меѓувреме, британските трупи се обидувале да ја доведат ситуцијата под контрола. За време на немирите од саботата биле повредени неколку Ирачани и британски војници.
Американскиот администратор во Ирак, Пол Бремер, околу минатонеделниот бомбашки напад врз јорданската амбасада во Багдад, изјави дека исламистите поврзани со Ал-Каида се меѓу главните осомничени. Во нападот загинаа најмалку 17 лица.