Линкови за пристапност

Врховниот суд на Калифорнија одлучи-во октомври, предвремени избори за гувернер - 2003-08-08


Филмскиот актер Арнолд Шварценегер ги поднесе потребните документи за да се кандидира за гувернер на Калифорнија, каде група граѓани, незадоволни од состојбата во федералната држава, собраа доволен број потписи и поднесоа барање за предвремени избори на кои ќе се одлучува дали ќе биде сменет актуелниот гувернер-демократ Греј Дејвис.

Ситуацијата вчера се менуваше од час во час. Гувернерот од Демократката партија, Греј Дејвис се бори да ја зачува функцијата, а Републиканците и Демократите се редат на списокот противкандидати за предвремените избори.

Заменикот-гувернер на Калифорнија, демократот Круз Бустаманте ги повика гласачите да го поддржат гувернерот Дејвис и да гласаат против неговото отповикување, но тој исто така влезе во изборната трка, објаснувајќи -

„Во случај тој да биде отповикан, Демократите ќе имаат опција“, вели г-динот Бустаманте.

Во Лос Анѓелес, холивудската ѕвезда Арнолд Шварценегер беше пречекан од толпа поддржувачи кога ги подигна документите потребни за кандидирање на изборите.

„Ова е следниот чекор во изборите за гувернер на Калифорнија - владата да му се врати на народот“, рече г-динот Шварценегер.

Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека гувернерот Дејвис има големи шанси да биде отповикан бидејќи гласачите се лути заради дефицитот во буџетот од 38 милијарди долари.

Една од главните корпорациски групи во оваа американска федерална држава, California Business Roundtable, е против отповикувањето, затоа што смета дека тоа би наштетило на економијата. Сепак, директорот на оваа група, Бил Хак вели дека владата на Калифорнија е “нефункционална“, а многу граѓани за тоа го обвинуваат гувернерот.

„Луѓето во Калифорнија се лути, фрустрирани, обесхрабрени, се чувствуваат исклучени, и сметаат дека политичкиот систем во оваа држава е оштетен и треба да се поправи. Тие не знаат како тоа треба да се оствари, но бараат раководство, на начин што не сум го видел во изминатите 30 години“, тврди г-динот Хак.

Едвај еден на секои пет жители на Калифорнија го поддржува гувернерот Дејвис, кој има најнизок рејтинг во историјата на оваа федерална држава.

Гувернерот Дејвис вчера доживеа пораз кога Врховниот суд на Калифорнија го одби неговото барање да интервенира во предвремените избори, велејќи дека гласањето ќе се одржи на 7 октомври. Гласачите ќе одговараат на две прашања: првото, дали господинот Дејвис треба да биде симнат од функцијата и второ, кој да го замени. Над 400 лица побараа документи за кандидатура и имаат рок да ги поднесат до 17 часот во сабота.

XS
SM
MD
LG