Линкови за пристапност

Арнолд Шварценегер-кандидат за гувернер на Калифорнија - 2003-08-07


Холивудската ѕвезда Арнолд Шварценегер го додаде своето име на списокот кандидати кои се надеваат дека ќе дојдат на местото на сегашниот гувернер на Калифорнија, Греј Дејвис, на предврементите избори што треба да се одржат на почетокот на октомври.

Со тврдење дека е за темелни реформи во главниот град на Калифорнија, Сакраменто, актерот Арнолд Шварценегер ја објави својата кандидатура за време на една од најпопуларните американски ноќни емисии, "Tonight Show" на Џеј Лено.

Гласачите во Калифорнија на 7 октомври ќе одлучат дали сегашниот гувернер на Калифорнија, Греј Дејвис од Демократската партија, предвреме ќе ја напушти функцијата. Доколку мнозинство гласа г-нот Дејвис да си замине од местото гувернер, тој ќе биде заменет од кандидатот кој ќе има највисок рејтинг од листата на можни наследници.

Господинот Шварценегер, кој е Републиканец, политички се ангажираше уште минатата година, кога го поддржа успешниот референдум за проширување на вон-наставните програми за децата.

Тој вели дека потребите на децата и семејствата и натаму ќе бидат негов приоритет.

„Сакаме нашите деца да имаат книги, да имаат свое место во училницата; да осигураме дека училиштата ќе имаат активности по часовите. На мајките да им обезбедиме дневен престој по достапна цена“, изјави г-динот Шварценегер.

Над 300 лица досега побараа документи што се потребни за кандидирање за гувернер на Калифорнија.

Најпопуларниот Демократ во Калифорнија е сенаторот Дијана Фејншејн, која најави дека нема да се кандидира. Таа бара да се гласа против отповикување на гувернерот Дејвис. Меѓутоа, последните истражувања на јавното мислење покажаа дека мнозинството жители на Калифорнија би сакале тој да замине.

Една анкета во јули навести дека Арнолд Шварценегер има поддршка од 15 отсто од гласачите. Според анкетата, прв меѓу кандидатите е еден друг републиканец, поранешниот градоначалник на Лос Анѓелес, Ричард Риордан, со 21 процент од гласовите. Кадидатот на Зелената партија, Питер Камео, кој освои 8 отсто од гласовите во истражувањето, вели дека одлуката на Шварценегер, и официјално да се кандидира, ќе го промени ваквиот сооднос. Пварценегер и поранешниот градоначалник Риордан се пријатели, и обајцата имаа најавено дека ќе се кандидираат доколку другиот реши да не го стори тоа. Питер Камео од Зелените вели:

„Главно е што кандидатурата на Шварценегер значи дека Риордан нема да се кандидира. Тој беше најсилниот кандидат на републиканците, и сега без него ќе може да се кандидираат повеќе Републиканци. Исто така, се зголемува можноста во трката да влезе и Демократ, сметајќи дека има поголеми шанси за победа“, рече тој.

Зелената парија се надева дека сево ова за нив ќе резултира во понуда за сојуз со уште еден кандидат – либералниот новинарски коментатор Аријана Хафингтон, која реши да се пријави за трката под голем притисок на јавноста.

XS
SM
MD
LG