Амбасадоре Бремер, во ОН се говори за можна резолуција за пошироко меѓународно учество во реконструкцијата на Ирак. Дали верувате дека е можно да се состави резолуција што ќе ги задоволи земјите како Германија и Франција, без притоа да го ослабне вашето влијание до степен неприфатлив за САД?
Можеби е возможно. Тоа е прашање за кое веќе се дискутира, нешто што и државниот секретар го напомена пред две недели. Тоа всушност е еден вид тактичко, дури и техничко прашање што претставниците во Њујорк треба да го разгледаат. Од сегашнава ситуација тешко ми е да оценам. Веќе постои широко меѓународно учество. Ние имаме сили од 19 различни земји кои веќе се на теренот, а во тек се разговори со уште 12тина. 37 ветија дека ќе дадат економска помош за реконструкцијата на Ирак. Значи, нашите обиди во Ирак веќе имаат меѓународен лик. Прашањето не е дали ние треба да ја направиме реконструкцијата меѓународна, бидејќи таа веќе е.
Значи, вие велите дека не треба да се проширува меѓународната партиципација?
Секако би им посакале добредојде на сите држави кои ќе обезбедат дополнителни трупи или финансии. Планираме да организираме донаторска конференција за да видиме дали може да се зголеми партиципацијата на други држави во реконструкцијата на Ирак. Тоа ќе биде некаде во октомври.
Садам Хусеин. Да претпоставиме дека тој е се уште жив, и тоа дека се наоѓа во Ирак. Колку е значајно Хусеин да биде пронајден, доколку сакате да прекинат нападите над окупационите сили и Американците во Ирак да започнат со реконструкцијата?
Мислам дека ќе биде многу корисно Хусеин да биде фатен или убиен, не бидејќи сметаме дека тој управува со овие напади - нашите анализи велат дека нападите не се предмет на централизирано управување, туку поради симболиката на неговото фаќање – да се затвори поглавјето на тиранијата на Садам. Сведоци сме колку подобро се развива ситуацијата по смртта на синовите на Садам. Се зголеми бројот на Ирачани кои ни даваат информации.
Друга работа која се уште недостасува, освен Садам Хусеин, се цврсти, конкретни докази за постоењето на оружје за масовно уништување, кое администрацијата се надева да го пронајде. Дали сте убеден дека ќе се дојде до такви докази?
Да. Зборував со истражната група која пристигна тука минатиот месец, околу 1300 до 1400 лица, под водство на Дејвид Кеј и јас редовно се состанувам со г-динот Кеј. Сигурен дека ќе најдат докази за програмите за биолошко и хемиско оружје. Сметам дека е само прашање на време.
Многумина, како во Франција, па дури и во Британија, би коментирале дека фактот што сојузниците не најдоа докази значи дека инспекторите на ОН добро си ја вршеле работата и не требало да се обвинуваат поради тоа што не нашле докази. Што би рекле на тоа?
Би рекол дека истиот аргумент може да се искористи и за Садам Хусеин. И него се уште не сме го пронашле; но, дали тоа значи дека тој не постои?
Деновиве најавивте дека Ирачаните можеби ќе ја бираат својата прва влада по Садам во текот на наредната година. Како таа ќе изгледа? Кон што водат тенденциите? Теократија, демократија...
Не верувам дека постои можност за теократија. Не гледам голема поддршка меѓу ирачаните за теократија. Ирачкиот управен совет веќе јасно се посвети на демократијата низ своите политички изјави, како преку изјавите на различните групи претставени во него, така и од самиот Совет во политичките изјави. Улогата на исламот, се разбира, ќе биде едно од клучните прашања за кои ќе се разговара, но тоа е нешто за што самите Ирачани ќе одлучат.