Израел-палестински затвореници
Израел ослободи над 300 палестински затвореници, со цел напредок во спроведувањето на мапата кон мирот. Но додека израелски автобуси ги пренесувале затворениците за да се сретнат со нивните семејства, израелските трупи уапсиле над десетина припадници на палестинските безбедносни сили во градот Џерихо на Западниот брег. Денеска на контролните пунктови меѓу Израел и областите под палестинска контрола на Западниот брег и Појасот Газа биле ослободени 340 затвореници. Тие по ослобидувањето покажувале знак на слобода и ја бакнувале земјата кога биле пречекани од нивните роднини кои носеле палестински знамиња. Палестинските власти бараат амнестија за сите шест илјади Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори.
Индонезија-Џама Исламија
Дописникот на весникот Сингапур Страитс Тајмс од Џакарта вели дека терористичката група Џама Исламија ја презела одговорноста за вчерашниот напад со автомобил бомба во индонезискиот главен град. Дервин Переира изјави дека анонимен јавувач му кажал дека нападот бил „крваво предупредување“ до индонезиската Влада. Г-динот Переира цитира дека анонимното лице рекло оти индонезискиот претседател Мегавати Сукарнопутри не треба да презема активности против членовите на Џама Исламија во Индонезија. Во вчерашната експлозија на автомобил бомба пред хотелот Мариот во Џакарта, кој е под американска управа загинаа најмалку 10 лица, а 149 се повредени. Либерија-САД
Mалa екипа американски војници денеска пристигнаа во главниот град на Либерија, Монровија. Три хелекоптери во кои имаше групи од по шест до 10 американски војници слетаа во комплексот загради на американската амбасада. Пентагон соопшти дека војниците ќе бидат логистичка поддршка за западноафриканските мировници и ќе им помагаат во координацијата на теренот. Стотици нигериски трупи пристигнаа во понеделникот и тие се дел од вкпно 3.200 мировници предводени од Еконосмката заедница на Западноафрикански држави. Тие се собираат на меѓународниот аеродром и чекаат да ги извршат првите патроли во главниот град.
Авганистан-безбедност
Командантот на меѓународните мировни сили во Кабул вели дека за одржување фер и успешни избори во 2004 година, мора да се подобри безбедноста низ целата територија на Авганистан. Германскиот командант на мултинационалните сили Норберт ван Хејст на новинарите во Кабул им изјави дека сака да и го предочи на меѓународната заедница фактот оти за фер избори потребно е да се гарантира безбедноста. Тој рече дека НАТО ја разгледува можноста за проширување на мандатот на 5.000 мировни сили надвор од Кабул во клучните провинции. Но нема доволен број земји кои сакаат да учествуваат во дополнителниот контингент од 10.000 војници за оваа намена. В понеделник, НАТО ја презема командата врз меѓународните сили за помош во безбедноста, со кои во моментов раководат Германија и Холандија.
Европа-топлотен бран
Пожарникарите во јужна Европа продолжуваат со битката со шумските пожари, како резултат на топлотниот бран што го зафати континентот. Бројот на жртвите од пожарите во Португалија денеска се искачи на 14, по пронаоѓањето на изгорени тела на маж и жена, на север од главниот град Лисабон. Претставници на шумските служби соопштија дека во пожарите во северниот дел на земјата веќе се уништени 100 илјади хектари шума. Во Италија, пожарите ги натераа жителите и туристите во Тоскана да ги напуштат домовите, а Француската новинска агенција јавува дека пожарникарите во Франција се борат со нови пожари на југот на земјата.
Јапонија-Хирошима
Градоначалникот на Хирошима ги обвини САД за како што рече „нуклеарна наклонетост“, додека неговата земја ја одбележува 58-та годишнина од паѓањето на американската атомска бомба врз овој јапонски град. Говорејќи на годишната церемонија, градоначалникот Тадатоши Акиба рече дека американската нуклеарна политика, која не ја отфрла можноста за превентивен напад, го загрозува Договорот за неширење на нукеларното оружје. Тој рече дека Вашингтон „се чини му се поклонува на нуклеарното оружје како на Бог“. Премиерот Јунихиро Коизуми, во обраќањето на церемонијата рече дека Јапонија нема да стане нуклеарна сила. Тој вети дека Јапонија ќе ги предводи напорите за елиминирање на нуклеарното оружје во светот.
ЕУ-Мајкрософт
Европската комисија соопшти дека на американскиот софтверски гигант Мајкрософт му дава последна шанса да се одбрани од обвинувањата дека ги прекршува законите против монопол. Извршното тело на ЕУ денеска му испратило писмо на Мајкрософт во кое се вели дека компанијата може или да ги почитува законите за конкуренција или ќе биде покрената судска постапка. Портпаролот изјави дека Комисијата има добри докази досега од тригодишната истрага дека Мајкорософт ја користи својата доминантна позиција на пазарите за компјутерски сервери за да ги блокира неправедно конкурентите. Портпаролот на Мајкорософт одговори дека ова несреќен развој на настаните, но дека нејзината компанија ја испитува содржината на писмото и сериозно ја сфаќа истрагата на ЕУ.