Надбискупот од Кантербери кажа дека престојат “тешки времиња“ по именувањето на епископалски бискуп во американската федерална држава Њу Хемпшир.
Надбискупот Роуан Вилијамс е духовен водач на 77 милиони христијани во светот кои и припаѓаат на таканаречената Англиканска заедница.
Во изјавата надбискупот Вилијамс вели дека изборот на Џин Робинсон за бискуп на американската Епископалска црква ќе има големо влијание врз Англиканската црква, но дека е се уште рано да се предвидуваат резултатите.
Среде загриженоста дека црквата можеби ќе се подели по ова прашање, надбискупот предупреди на, како што ги нарече “значајните и неотповикливи одлуки“ што ќе бидат донесени како реакција на назначувањето на Робинсон.
Англиканците во светот расправаат за последиците од назначување на бискуп хомосексуалец. Преставниците на Англиската Црква на оваа тема разговараа на британското радио.
Конзервативниот новинар за весникот на Црквата на Англија, Ендрју Кери, вели дека традиционалистите никогаш нема да прифатат бискуп хомосексуалец.
“Проблемот со назначувањето е што за многумина тоа изгледа како вид на инстуционализирање на нешто што отсекогаш се сметаше за грешно, за нешто што се простува, но е грев“, вели Кери.
Тој додава дека надбискупот Вилијамс ќе треба да донесе тешки одлуки.
“Работите постепено ќе се одвиваат. Нема веднаш да има поделба. Но претстои период на преструктуирање и големи тешкотии. Мислам дека надбискупот од Кантербери ќе мора да признае најмалку две јурисдикции во САД“, смета Кери.
Од другата страна во дебатата е свештеникот Колин Сли, ѓакон на лондонската катедрала Саутик. Тој кажа дека Црквата на Англија не треба да се меша во одлуките на американските епископалијанци.
“Мислам дека тоа црквата нема право да се меша во именувањата во други провинции. Не е наша работа да се мешаме во она што се случува во САД“, вели Сли.
Тој додава дека со оглед на ограничената моќ и лабавата структура на Англиканизмот, надбискупот од Кенетрбери не може многу да стори.
„Англиканското заедништво е асоцијација на доброволни заедници. Сите провинции во светот и припаѓаат на доброволна основа. Не е исто како со папата и тој дефинитивно владее со консензус. Мислам дека Црквата на Англија секогаш била, а оттаму и англиканското заедништо станало многу флексибилен вид на ортодоксност во која се надеваме дека цело време има отворена и зрела дебата“, смета Сли.
Наредните месеци надбискупите од Африка и Азија планираат да се сретнат со надбискупот Вилијамс и да разговараат за прашањето на хомосексуалците во свештеничката служба.