Линкови за пристапност

Најнови вести, 6 август - 2003-08-06


Индонезија-Џема Исламија

Дописникот на весникот Сингапур Страитс Тајмс од Џакарта вели дека терористичката група Џама Исламија ја презела одговорноста за вчерашниот напад со автомобил бомба во индонезискиот главен град. Дервин Переира изјави дека анонимен јавувач му кажал дека нападот бил „крваво предупредување“ до индонезиската Влада. Г-динот Переира цитира дека анонимното лице рекло оти индонезискиот претседател Мегавати Сукарнопутри не треба да се справува со припадниците на Џама Исламија во Индонезија. Во вчерашната експлозија на автомобил бомба пред хотелот Мариот во Џакарта, кој е под американска управа загинаа најмалку 10 лица, а 149 се повредени. Израел-палестински затвореници

Израел започна со ослободување на над 300 палестински затвореници, чија цел е напредок во спроведувањето на мапата кон мирот. Пред ослободувањето, од затворениците било побарано да потпишат документи во кои се согласуваат дека во иднина нема да преземаат никакви илегални активности против Израел. Утринава затворениците од затворите биле изнесени со автобуси. Тие биле ослободени на контролните пунктови меѓу Израел и Западниот брег и појасот Газа. Палестински претставници изјавија дека денешното ослободување не е доволно. Тие бараат амнестија за сите над 6.000 Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори, вклучувајќи ги и припадниците на милитантните групи

Либерија-мировници

Мала група американски војници се очекува денеска да пристигне во Либерија, во време кога западно-африканските мировници се подготвуваат за распоредување во главниот град Монровија. Претседателот Буш одобри распоредување на контингент од околу 10 американски војници како логистичка поддршка за мировниците, кои во моментот се наоѓаат на меѓународниот аеродром, на околу 45 километри од Монровија. Командантот на силите, нигерискиот генерал Фестус Оконкво изјави дека мировниците во текот на денешниот ден ќе ја извршат првата патрола во завојуваниот дел од главниот град. Адвокатите што ја застапуваат Либерија пред меѓународниот суд во Хаг, побараа запирање на постапката за воени злосторства против претседателот Чарлс Тејлор.

Авганистан-безбедност

Командантот на меѓународните мировни сили во Кабул вели дека за одржување фер и успешни избори во 2004 година, мора да се подобри безбедноста низ целата територија на Авганистан. Германскиот командант на мултинационалните сили Норберт ван Хејст на новинарите во Кабул им изјави дека сака да и го предочи на меѓународната заедница фактот оти за фер избори потребно е да се гарантира безбедноста. Тој рече дека НАТО ја разгледува можноста за прижурување на мандатот на 5.000 мировни сили надвор од Кабул во клучните провинции. Но нема доволн број земји кои сакаат да учествуваат во сополнителните 10.000 војници за оваа намена. В понеделник, НАТО ја презема командата врз меѓународните сили за помош во безбедноста, од Германија и Холандија.

Ирак-рации

Американските војници во Ирак велат дека некои цивили и локалната полиција им помагаат во апсењето на поддржувачите на Садам Хусеин. Американската Централна Команда денеска соопшти дека коалиционите сили во изминативе 24 часа извршиле 18 рации, заплениле големо количество оружје и уапсиле борци лојални на соборениот режим. Најголем број од акциите биле изведени околу родниот град на Хусеин Тикрит. Американски офицери велат дека ирачката полицијата исто така им предала едно лице осомничено за организирање на напади врз американските војници. Лицето е брат на еден од главните телохранители на Садам Хусеин. Во меѓувреме, американските војници во Тикрит наскоро ќе започнат со обука на 35 Ирачани, кои ќе бидат првите припадници на цивилните одбранбени сили.

Јапонија-Хирошима

Градоначалникот на Хирошима ги обвини САД за како што рече „нуклеарна наклонетост“, додека неговата земја ја одбележува 58-та годишнина од паѓањето на американската атомска бомба врз овој јапонски град. Говорејќи на годишната церемонија, градоначалникот Тадатоши Акиба рече дека американската нуклеарна политика, која не ја отфрла можноста за превентивен напад, го загрозува Договорот за неширење на нукеларното оружје. Тој рече дека Вашингтон „се чини му се поклонува на нуклеарното оружје како на Бог“. Премиерот Јунихиро Коизуми, во обраќањето на церемонијата рече дека Јапонија нема да стане нуклеарна сила. Тој вети дека Јапонија ќе ги предводи напорите за елиминирање на нуклеарното оружје во светот.

Европа-топлотен бран

Пожарникарите во јужна Европа продолжуваат со битката со шумските пожари, како резултат на топлотниот бран што го зафати континентот. Бројот на жртвите од пожарите во Португалија денеска се искачи на 14, по пронаоѓањето на изгорени тела на маж и жена, на север од главниот град Лисабон. Претставници на шумските служби соопштија дека во пожарите во северниот дел на земјата веќе се уништени 54.000 хектари шума. Во Италија, пожарите ги натераа шителите и туристите во Тоскана да ги напуштат домовите, а Француската новинска агенција јавува дека пожарникарите во Франција се борат со нови пожари на југот на земјата.

XS
SM
MD
LG