Генералниот секретар на Арапската лига, Амр Муса изјави дека состанокот на комитетот на Лигата резултирал со консензус оти во сегашната ситуација не може да се очекува испраќање арапски воени сили во Ирак.
Господинот Муса рече дека мора да се работи на завршување на окупацијата на Ирак и да му се дозволи на ирачкиот народ да формира национална влада.
Но, неговиот портпарол, Хосам Заки, ги негираше медиумските извештаи дека официјални лица од Арапската лига одбиваат да се сретнат со претставници на новиот ирачки владеачки Совет, кој беше назначен од коалицијата предводена од САД.
„Официјални лица од Советот не контактирале со нас. Но, генералниот секретар изјави дека се добродојдени сите членови на Советот кои сакаат да дојдат и да разговараат со него. Тој неколку пати повтори дека Лигата е отворена и дека своите врати ги држи отворени за кој било Ирачанец или друга политичка личност или политичка сила во Ирак, која сака да се консултира со нас. Значи, ние никогаш не сме ги затвориле вратите, туку едноставно никој од Советот официјално не ни пристапил“, истакна господинот Заки.
Во понеделникот, генералниот секретар Муса, рече дека Лигата составила нацрт-резолуција каде се потенцира значењето на обединета ирачка политичка структура која државата ќе ја води кон повторна целосна независност.