Линкови за пристапност

Рекордно високи температури во делови на Европа - 2003-08-05


Топлото време е главна вест во Франција овие денови. Температурите низ цела земја достигнуваат 35, па и повеќе степени, а во следните денови се очекува тие да бидат и повисоки. Во над половината од 95-те оддели или региони во Франција е воведена рационализација на потрошувачката на вода. Можно е и нуклеарните постројки во земјата наскоро да го скратат производството на електрична енергија поради недостаток на вода за ладење. Вакви високи температури во Франција не се забележани од 1949-та година, а ваква суша немало во изминативе 25 години.

Жешкото и суво време предизвикува пустош низ поголемиот дел од јужна и источна Европа. Во делови на Шпанија и Германија температурите се искачија до 40-иот степен, а Португалија се соочува со големи шумски пожари.

Србија е зафатена со најголемата суша во овој век, додека во Хрватска вакво суво време не е забележано во изминативе 50 години. Романија и Чешката Република предвидуваат пад во земјоделското производство, како резултат на недоволните врнежи.

Швајцарија го минува најжешкото лето во изминативе 250 години, што резултираше со топење на мразот од планините и голем број лавини и одрони на карпи.

Дали топлотниот бран и сушата што ја зафатија Европа се резултат на глобалното затоплување, е предмет на дебата. Францускиот министер за животна средина Роселин Бачело вели дека сушата можеби е знак на климатските промени предизвикани од глобалното затоплување. Доколку е тоа точно, портпаролот на Гринпис, Мишел Лузе има негативни предвидувања.

„Тој вели дека Европјаните и останатите, можеби треба да почнат да се навикуваат на ваквите екстремни климатски услови кои ќе бидат присутни и во годините што доаѓаат“, истакна госпоѓа Лузе.

XS
SM
MD
LG