Линкови за пристапност

Најнови вести, 4 август - 2003-08-04


Либерија-мировници

Првиот контингент од западно-африканските мировници пристигна во Либерија. Два хеликоптери, со 20 нигериски војници се приземји утрово на меѓународниот аеродром во Монровија. Се очекува во текот на денешниот ден во земјата да пристигнат уште околу 300 војници. Тие се претходница на околу 3.000- от контингент војници од Западно-африканските земји. Непосредно пред пристигнувањето на првите војници, главната бунтовничка група која се бори за соборување на претседателот Чарлс Тејлор соопшти дека ќе се повлече од позициите во главниот град, Монровија. Г-динот Тејлор вели дека ќе поднесе оставка на 11 август, но не објави дали ќе замине во Нигерија, чија што понуда за азил ја прифати.

Израел-Палестинци

Израел објави листа на палестински затвореници кои планира да ги ослободи кон крајот на неделава, како дел од мировниот план што го поддржува меѓународната заедница. На листата се наоѓаат 59 Палестинци идентификувани како членови на милитантните групи Хамас и Исламски Џихад, кои изведоа десетици напади врз Израел. Исто така листата ги содржи и имињата на околу 443 затвореници кои треба да бидат ослободени во среда попладне. Палестинските лидери бараат од Израел да ги ослободи сите затвореници кои се наоѓаат во израелските затвори, и кои се проценува дека се околу 6.000. Во меѓувреме, претставници на израелската армија соопштија дека еден Палестинец бил убиен од израелските трупи, додека наводно поставувал бомба на еден пат во Западниот брег што го користат израелските сили.

Косово-убиство

Снајперист синоќа застрелал еден припадник на полицијата на ОН во српската покраина Косово. Ова е прво убиство на Косово на припадник на меѓународната полиција на должност. Претставници на ОН соопштија дека убиството се случило на автопатот во околината на градот Лепосавиќ во северниот дел на Косово. Претставникот на ОН патувал со возило со ознаки на Светската организација. Засега никој не ја презел одговорноста за нападот, кој е најнов во серијата напади врз институциите на ОН на Косово, откако минатиот месец меѓународниот суд го осуди поранешен лидер на етничките албански герилци за воени злосторства.

Авганистан-експлозија

Во експлозија на муниција во северен Авганистан загинале 13 припадници на паравоените сили, а 21 лице е повредено. Експлозијата се случила доцна синоќа или рано утринава во Акча, додека припадниците на паравојската ја товареле муницијата што била собрана во акцијата за разоружување. Во тек е истрага за инцидентот, но првите индикации се дека експлозијата била несреќен случај. Во експлозијата биле уништени најмалку пет возила. Паравоените сили се лојални на Абдул Рашид Достам, советник за одбрана на претседателот Хамид Карзаи. Оружјето беше собрано од неговите војници.

Ирак-ОН

Висок претставник на британското Министерство за надворешни работи вели дека неговата Влада ја разгледува можноста за предлог за нова резолуција на ОН за мултинационални сили во Ирак. Џон Соерс кој штотуку се врати од вршењето на должноста британски претставник во Багдад, во денешното интервју вели дека Лондон ги испитува сите аспекти на ваква резолуција и по ова прашање разговара со САД. Францускиот министер за одбрана изјави дека нејзината Влада секогаш е подготвена да учествува во обновата на Ирак, и ќе ја разгледа можноста за нејзина улога во актуелната безбедносна операција, доколку таа биде поддржана со резолуција од ОН.

Хјундаи-самоубиство

Јужнокорејскиот претседател изјави дека очигледното самоубиство на извршниот директор на Хјундаи Груп во Сеул нема да ги наруши деловните односи на неговата земја со Северна Кореја. Полицијата соопшти дека Чунг Монг Хун скокнал од 12-тиот кат на деловната зграда на Хјундаи во Сеул, откако оставил неколку пораки за самоубиство. 54-годишниот син на основачот на Хјундаи Груп, Чунг Ју јунг беше вмешан во скандал за поткуп во врска со значајниот меѓукорејски Самит пред три години. Претседателот Ро Му хјун изрази сочувство и му оддаде признание на г-динот Чунг за неговата работа за промовирање на врските со Северна Кореја. Г-динот Ро вети дека деловните проекти меѓу двете земји ќе продолжат.

XS
SM
MD
LG