Линкови за пристапност

Сенаторите сметаат дека се стега обрачот околу Садам - 2003-08-04


Двајцата сенатори се членови на сенатската Комисија за разузнавање и беа овластени да ги видат најновите доверливи информации за Ирак.

Сенаторот Бај за Си-Ен-Ен изјави дека смета оти се затвора кругот околу Садам Хусеин.

“Започна со смртта на неговите два сина. Многу луѓе пристапуваат. Фативме некои од неговите безбедносни агенти. Мислам дека е само прашање на време, а не местото каде што ќе го најдеме“, кажа господинот Бај.

Сенаторот Лот кој се појави со неговиот колега од Демократската партија во истата емисија, потсети дека двете постари ќерки на Садам Хусеин го напуштиле Ирак, а дека коалицијата предводена од САД ги фати неговите блиски безбедносни соработници.

“Мислам дека со тоа што на неговите ќерки им беше даден азил во Јордан, тоа е знак оти се стега обрачот околу него. Минатата недела имаше некои информации од различни луѓе во администрацијата со кои разговаравме, според кои изгледа дека чувствуваат оти му се приближуваат“, смета господинот Лот.

Сенаторот Лот кажа дека Садам Хусеин нема реална моќ, а Еван Бај додаде дека тој станува се помалку релевантен за секојдневните настани во Ирак.

Со ова се согласува и поранешниот американски дипломат во Ирак. Џозеф Вилсон е поранешен вршител на должност амбасадор во Багдад. Тој за Си-Ен-Ен изјави дека заробувањето на Садам Хусеин е важна цел, но додаде дека смртта на неговите синови сигурно имаше големо влијание кај ирачкиот народ.

“Мислам дека пронаоѓањето на Кусај и Удај беше вистински удар за идејата дека династијата Хусеин повторно ќе владее“, кажа поранешниот американски амбасадор.

Господинот Вилсон неодамна се појави во медиумите откривајќи дека американските власти го испратиле во Нигер за да ги испита тврдењата дека Ирак се обидувал да купи ураниум, клучната компонента на нуклеарното оружје. Тој изјавил дека тие обвинувања требало да бидат докажани пред претседателот Буш да излезе пред американскиот народ и да изнесе пошироко обвинување дека Ирак сакал да купи ураниум од Африка.

Господинот Вилсон вели дека и натаму верува оти било неопходно да се разоружа Садам Хусеин и дека доказите за оружјето за масовно уништување еден ден ќе бидат пронајдени. Но додаде дека се прашува дали тие докази ќе бидат доволни за да се оправда војната.

Претседателот Буш неодамна кажа дека е сигурен оти ќе бидат пронајдени доволно докази за да се смират критиките за воената операција во Ирак.

XS
SM
MD
LG