Линкови за пристапност

Премиерот Блер и секретарот Хун ќе сведочат во истрагата за смртта на научникот Дејвид Кели - 2003-08-01


Британскиот премиер Тони Блер ќе биде повикан да сведочи во судската истрага за смртта на научникот кој се поврзува со контроверзата дека владата на г-динот Блер наводно ја пренагласила заканата од Ирак пред војната.

Истрагата за смртта на Дејвид Кели денеска во Лондон започна со оддавање минута почит на починатиот научник. Тој беше пронајден мртов минатиот месец со исечена вена на левата рака. Властите веруваат дека тој извршил самоубиство. Тој почина само два дена по сведочењето пред парламентарната комисија која ги истражува обвинувањата дека владата ја пренагласила можноста Ирак да употреби оружје за масовно уништување, за да добие поддршката од јавноста во немерата да започне војна против Ирак. Г-динот Кели беше експерт за оружје и работеше како инспектор за оружје во Ирак.

По неговата смрт, Британската Бродкастинг Корпорација - Би Би Си, соопшти дека г-динот Кели бил примарен извор за нивните радио и телевизиски извештаи во мај, во кои владата на Блер се обвинува оти дала преголемо значење на ирачката закана - обвинување кое г-динот Блер постојано го негира.

Лордот Брајан Хатон ја започна истрагата со детален преглед на познатите факти и со објавување на неговиот план за повикување сведоци. Тој рече дека премиерот Блер и неговиот секретар за одбрана ќе бидат повикани да сведочат.

„Во одреден момент од истрагата, предлагам премиерот Тони Блер и државниот секретар за одбрана Џеф Хун да бидат повикани да дадат докази за нивните сознанија од дискусиите што се одвивале и за одлуките преземени во врска со д-р Кели“, соопшти г-динот Хатон.

Министерството на г-динот Хун беше обвинето за откривање на името на г-динот Кели во медиумите на почетокот на јуни, како извор за извештаите на Би Би Си, што резултираше во тоа научникот да биде повикан да сведочи пред парламентарниот комитет за надворешни работи.

Смртта на Кели го шокираше г-динот Блер, кој во тоа време се наоѓаше на турнеја низ Азија. Оваа вест со недели доминираше на насловните страници на британските весници, а анкетите покажуваат остар пад на јавната поддршка за премиерот, и зголемување на сомневањата во врска со британското учество во војната во Ирак.

XS
SM
MD
LG