Линкови за пристапност

Дејвид Кеј: Напредок во потрагата по ирачкото оружје за масовно уништување - 2003-08-01


Г-динот Кеј, поранешен инспектор на ОН за оружје, не беше конкретен за тоа каков напредок направил неговиот тим составен од американски, британски и австралиски експерти.

Сепак, по брифингот со членовите на Сенатските комисии за вооружени служби и разузнавање, г-динот Кеј рече дека чека да се создаде, како што го нарече „доста цврст случај“, пред да обелодени какви физички докази се пронајдени.

„Наоѓаме документи кои се поврзани со активности за оружје за масовно уништување, се поголем е бројот на ирачките доброволци кои ни помагаат во нашите напори. На тој начин, операцијата се движи напред и тоа многу побрзо, одошто пред пет недели можев да кажам дека ќе се одвива“,рече тој.

Г-динот Кеј, кој штотуку се врати од Ирак, рече дека неговиот тим пред се се фокусира на биолошкото оружје и на улогата што ирачкото разузнавање и безбедносните служби ја имале во ирачката програма за оружје за масовно уништување.

Сега дознавам во детали колку далеку пошла поранешната влада на Садам Хусеин во криењето на осомничената програма за оружје, вели Дејвид Кеј.

„Ние најдовме нови докази за тоа како успешно ги залажувале инспекторите на ОН, и како постојано криеле нешта од нив. Ваквата интензивна програма на мамење навистина вчудоневидува, кога ќе се запознаете со сите нејзини деталји. Луѓето кои учествувале во мамењето на инспекторите на ОН, сега ни кажуваат како го правеле тоа“, изјави г-динот Кеј.

Наводното ирачко оружје за масовно уништување беше клучна причина САД да поведат војна против Ирак. Но, тоа досега не е пронајдено.

Многумина републиканци, меѓу кои и претседателот на Сенатската комисија за разузнавање, Пет Робертс од Канзас, веруваат дека оружјето на крај ќе биде пронајдено.

„Убеден сум дека ќе се реши случајот со ирачкото оружје за масовно уништување“, вели г-динот Робертс .

Но, демократите, како поранешниот претседател на Сенатската комисија за разузнавање, Боб Греам од Флорида, ја обвинуваат владата дека се обидува да го сврти вниманието:

„Доколку не најдеме оружје за масовно уништување, и доколку не пронајдеме дека тоа било подготвено за употреба во секој момент, кредибилитетот на американската влада во странство и пред сопствениот народ сериозно ќе биде нарушен“, рече г-динот Грем.

Сенаторот Греам, инаку, е еден од кандидатите за претседател од редовите на демократската партија на изборите во 2004-та.

XS
SM
MD
LG