Линкови за пристапност

Најнови вести, 30 јули - 2003-07-30


Буш: Напредок на Блискиот Исток

Претседателот Буш вели дека целта за создавање Палестинска држава до 2005 е се уште реална. Зборувајќи со новинарите во Белата Куќа господинот Буш кажа дека смета оти е направен прогрес во посредувањето во израелско-палестинскиот судир. Денес се очекува да се сретнат раководителите на обезбедувањето на Израел и палестинците при што ќе разговараат за ограничено израелско повлекување на трупите од два палестински градови.

Ирак

Ирачкиот владејачки совет, кој е поддржан од САД, го именуваше својот прв претседател. Ибрахим ал-Џафари, водач на исламската фундаменталистичка партија Дава, ќе раководи со ротирачкото претседателство во август. 25-члениот Совет вчера одлучи претседателството да ротира меѓу девет членови откако не успеаја да изберат еден лидер. Ротацијата се заснова на азбучен ред, на арапски, од имињата да деветемина членови. Во меѓувреме, Централната американска разузнавачка агенција вели дека верува оти последната аудио снимка за која се тврдеше дека е од Садам Хусеин најверојатно е автентична. Американските сили се во интензивна потрага по соборениот ирачки лидер, кој е цел број еден на американската листа од најбарани Ирачани.

Потрага по Садам

Претседателот Буш вели дека американските сили се поблиску до фаќање на соборениот ирачки претседател отколку што биле вчера. На денешна прес-конференција во Градината на розите во Белата Куќа, претседателот кажа дека двајцата синови на Садам не избегале од правдата, ниту ќе може тоа да го сторат други членови на тој режим.

Либерија

Тешки борби и денеска се водеа во двата најголеми градови на Либерија и покрај обновените повици за прекин на огнот од бунтовничките лидери. Владините трупи на претседателот Чарлс Тејлор се борат во одбрана на главниот град Монровија и вториот по големина град Бјукенен, напаѓани од две бунтовнички групи чија намера е да го симнат од власт господинот Тејлор. Бунтовниците на главната таква група се обидоа да ги минат мостовите во централна Монровија еден ден откако нивните лидери ветија прекин на борбите и повлекување во градското пристаниште во очекување на ветеното пристигнување на мировници.

Турција-реформи

Во обид да ги подобри турските шанси за членување во ЕУ, турскиот парламент одобри пакет реформи кои ќе го ограничат влијанието на армијата во турската политика. Реформите се насочени на Националниот безбедносен совет, кој е составен од главните турски армиски и цивилни лидери. Според легислативата, која треба да биде одобрена од турскиот претседател, советот би станал чисто советодавно тело. Новите закони исто така го ограничуваат бројот на собирите на советот и на турскиот парламент му дава моќ приватно да ги проверува армиските трошоци.

ОН-трговија со деца

Во новиот извештај на ОН се наведува дека секоја година се купуваат над милион деца од сиромашните земји, а најголем дел од нив стануваат евтина работна сила или сексуални робови во странски земји. Во извештајот што е објавен денеска УНИЦЕФ оваа трговија со бело робје ја нарекува глобален проблем, а најмногу деца доаѓаат од Западна Африка, Источна Европа и Азија. Исто така се вели дека Европа е главниот пазар за трговијата со деца, но овој проблем исто така е распространет и во другите регуиони. Се наведува и дека 15 отсто од девојчињата што се шверцуваат од Виетнам имаат помалку од 15 години.

XS
SM
MD
LG