Линкови за пристапност

Буш презема целосна одговорност за одлуката за војна во Ирак - 2003-07-30


Пред започнувањето на едномесечниот годишен одмор на Конгресот и пред почетокот на неговиот одмор в сабота, г-динот Буш пред новинарите ги сумираше настаните од изминатите недели и одговараше на нивните прашања.

Тој започна со Ирак, велејќи дека убиството на синовите на Садам Хусеин во престрелката со американските сили помогнало да се убеди ирачкиот народ дека навистина е слободен. Тој беше прашан дали САД се блиску до фаќањето на соборениот ирачки лидер.

“Не знам колку сме блиску до Садам Хусеин. Претпоставувам поблиску одошто вчера. Она што знам е дека сме во потрага“, изјави господинот Буш.

Претседателот рече дека добил добри разузнавачки податоци пред војната за заканата што доаѓа од Садам Хусеин и неговата желба да набави оружје за масовно уништување. Г-динот Буш кажа дека ќе бидат пронајдени докази за да се поткрепат обвинувањата и побара трпеливост.

Но некои од доказите посочени од администрацијата на Буш пред започнувањето на војната во Ирак неодамна беа доведени во прашање- најмногу обвинувањето дека Садам Хусеин се обидувал да купи ураниум од Африка. Шефот на Централната разузнавачка агенција и помошникот за национална безбедност во Белата куќа ја презедоа вината за вметнување на ова обвинување во годишното обраќање на претседателот во јануари. На денешната прес-конференција во Белата куќа, г-динот Буш објави дека ја споделува одговорноста и се обиде да ја смири контроверзната ситуација.

“Се разбира дека преземам лична одговорност за се што кажувам. Апсолутно. Исто така преземам одговорност за донесувањето на одлуките за војна и мир“, кажа тој.

Претседателот Буш рече дека кога станува збор за Северна Кореја и Иран, двете земји за кои се верува дека работат на оружје за масовно уништување, вистинскиот политички курс се дипломатијата и меѓународниот притисок. Тој подвлече дека претпладнево за проблемот со Северна Кореја разговарал со кинескиот претседател Ху Џинтао.

“Ние всушност започнуваме со сериозен напредок во споделувањето на одговорноста по ова прашање, на начин на кој верувам дека ќе води до промена на ставот на севернокорејскиот претседател Ким Јунг Ил, кој ќе биде многу позитивен за мирот во регионот“, рече американскиот претседател

Г-динот Буш исто така говореше за тековната војна против тероризмот и уште еднаш кажа дека нема да го објави доверливиот дел од извештајот на Конгресот за нападите врз САД од 11 септември 2001 година. Се верува дека овие страници содржат обвинувања за поврзаност на некои Саудијци со киднаперите.

Саудискиот министер за надворешни работи вчера уште еднаш се обиде да го убеди претседателот да ја промени оваа одлука. Тие се сретнаа непосредно по разговорите на претседателот со израелскиот премиер Ариел Шарон. Г-динот Шарон одби да се откаже од плановите за изградба на израелска безбедносна ограда низ Западниот брег, проект кој предизвика незадоволство кај палестинската управа. Но покрај овие и некои други пречки, г-динот Буш рече дека и натаму верува оти ќе биде испочитуван рокот за формирање палестинска држава во 2005 година, поставен во мапата кон мирот, зад која стојат САД, Русија, ОН и ЕУ.

“Мислам дека тоа е реално. Исто така знам дека ако почнеме да се откажуваме од поставените цели, напредокот ќе изгледа помалку реален“, смета господинот Буш.

Во однос на домашните прашања, г-динот Буш рече дека гледа знаци на надеж во американската економија. Тој исто така го повика Конгресот да ги одобри приоритените закони, меѓу кои законокот за енергија и мерките со кои ќе им се помогне на постарите американски граѓани да ги плаќаат сметките за лекови.

XS
SM
MD
LG