Линкови за пристапност

Вашингтон ги подготвува преговорите со Северна Кореја - 2003-07-30


Американскиот државен потсекретар за контрола на оружје, Џон Болтон денеска во Сеул се сретна со јужнокорејскиот министер за надворешни работи Ју Јанг-кван, во рамките на неговата турнеја низ Азија за прецизирање на ставот на сојузниците во однос на севернокорејската нуклеарна програма.

За време на нивната средба, еден друг јужнокорејски претставник сугерираше дека е нереално барањето на Северна Кореја за постигнување договор со Вашингтон за ненапаѓање, пред да се откаже од нејзината програма за оружје.

Советникот на претседателот за надворешна политика, Бан Ки-мун за локалната радио станица изјави дека САД не потпишале ваков договор со ниту една друга држава. Тој рече дека загриженоста на Северна Кореја за безбедноста може да се реши и на друг начин.

Денеска во Токио, висок претставник на јапонската Влада за новинарите изјави дека САД работат на предлог кој ќе одговори на севернокорејската загриженоста за безбедноста. Но, тој кажа дека предлогот ќе му биде претставен на Пјонгјанг само во контекст на повеќепартитните разговори.

Вашингтон, на развивањето на севернокорејската програма за нуклеарно оружје гледа како на закана за целиот азиско-пацифички регион и се залага за мултилатерални разговори на кои ќе учествуваат сите соседи на Северна Кореја.

Севернокорејските државни медиуми денеска го повторуваат цврстото барање на Пјонгјанг за билатерални разговори со Вашингтон.

Од состанокот на г-динот Болтон во Сеул беа објавени малку детали. Претставници на Министерството за надворешни работи за новинската агенција Ројтерс изјавија дека една од темите на разговорите било неодговарањето од страна на Северна Кореја на неодамнешниот американски предлог за мултилатерални разговори по ова прашање во две фази.

Идејата е Вашингтон и Пјонгјанг повторно да разговараат во Пекинг, како што беше тоа во април. Овие разговори потоа би биле проширени со Јужна Кореја и Јапонија, и можеби Русија.

Една од точките на несогласување меѓу сојузниците е евентуалната улога на Советот за безбедност на ОН. Вчера во Кина, г-динот Болтон побара од Советот да преземе поголема улога во решавање на кризата. Но јужнокорејскиот министер за надворешни работи Јун за Фајненшал Тајмс изјави дека би било подобро решавањето на ова прашање да биде надвор од рамките на ОН. Јужна Кореја денеска демантира дека оваа разлика на мислења претставува проблем.

Пјонгјанг кажа дека секаков обид за вклучување на ОН во ова прашање ќе се смета за војна и Сеул сака да се избегнат понатамошни ескалации.

Г-динот Болтон утре патува за Токио каде што со јапонските претставници ќе разговара за десетмесечната криза.

XS
SM
MD
LG