Линкови за пристапност

Претседателот Буш одби да го објави делот од извештајот за нападите врз САД што се однесува на Саудиска Арабија - 2003-07-29


Претседателот Буш вели дека нема да одговори на саудиското барање, бидејќи тоа ќе претставува опасност по напорите за откривање на терористичките активности.

„Во тек е истрага по нападите од 11-ти септември и нема да ја компромитираме таа истрага“, истакна господинот Буш.

Поголемиот дел од документот од 900 страници и беше достапен на јавноста, но 28-те страници што се однесуваат на Саудиска Арабија, а каде се зборува за наводната поврзаност меѓу членовите на саудиската влада и грабнувачите на авионите со кои беа извршени нападите, се класифицирани како строго доверливи.

Вчерашната средба меѓу претседателот и саудискиот министер за надворешни работи, Сауд Ал-Фаисал, беше побарана од саудиските претставници, кои велат дека неоткривањето на овој дел од извештајот упатува на претпоставката дека Саудиска Арабија нешто крие.

Саудискиот амбасадор во САД вели дека неговата влада никогаш не ги поддржувала терористите, но дека не може да одговори на можните обвинувања од извештајот, се додека тој извештај не се објави во целост.

Претседателот Буш вели дека можно е дел од таа информација да се обелодени подоцна доколку се оцени дека нема да ја доведе во опасност американската национална безбедност.

XS
SM
MD
LG