Албанија, Азербејџан, Бугарија, Чешката Република, Данска, Доминиканска Република, Естонија, Ел Салвадор, Грузија, Хондурас, Унгарија, Италија, Јапонија, Казахстан, Латвија, Литванија, Македонија, Монголија, Холандија, Никарагва, Норвешка, Филипини, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Јужна Кореја, Шпанија, Велика Британија и Украина досега потврдиле дека ќе партиципираат во мултинационалните сили. Портпаролот Баучер не прецизираше каков ќе биде нивниот придонес, но рече дека е можно, како и претходно, секоја земја поединечно да одлучи на кој начин ќе учествува во стабилизационите сили.
Стабилизацијата на Ирак е повеќе од проект, рече господинот Баучер, објаснувајќи дека станува збор за воени и полициски активности потребни за гарантирање на безбедноста на ирачкиот народ.
Некои од земјите, посочи тој, го покренале прашањето околу мандатот под кој меѓународните сили за стабилизација во Ирак ќе делуваат.
„Ние продолжуваме да ја разгледуваме можноста и разговараме за тоа. Дали ќе одиме понатаму во однос на ОН или не, зависи од резултатот од дискусиите. Во овој момент, јас немам одговор“, истакна портпаролот Баучер.
Денешен Вашингтон Пост, пак, тврди дека вчера Пентагон се согласил да обезбеди 200 милиони долари за трошоци за превоз и поддршка за мулитнационалната мировна дивизија под команда на Полска, која кон крајот на септември годинава ќе биде распоредена во јужен Ирак.