Боб Хоуп, меѓународно познат комичар, почина синоќа на возраст од сто години. Гласот на Америка му оддава почит на овој великан кој животот го мина во засмејување на милиони луѓе.
"THANKS FOR THE MEMORY" или „Благодарам за сеќавањето“ е песна во изведба на Боб Хоуп и Ширли Рос во филмот од 1938-ма година насловен "THE BIG BROADCAST OF 1938." Песната стана дел од неговиот имиџ, и ја пееше на сцените низ целиот свет, како и на својата радио-емисија.
Но, музиката беше само вовед во она по што е најпознат - смеата. Смеа што Боб Хоуп ја предизвикуваше благодарение на својата енциклопедиска меморија за шеги.
Роден e на 29 мај 1903 во Елтам, Англија, како петто од шестмина синови на ѕидар. Родителите му го дале името Лесли Таунс Хоуп, но на околу 25-годишна возраст тој почнал да се претставува Боб Хоуп.
Боб уште од своите први настапи како комичар започнал да собира и чува шеги. Кога станал познат, колекцијата ја ставил во буквално непробоен сеф, каде шегите од четири децении и три војни биле внимателно и студиозно сортирани.
Во 1941, кога САД влегоа во Втората светска војна, Боб Хоуп сакал да се пријави во армијата, но му било речено дека подобро ќе и служи на татковината како забавувач со тоа што ќе го подига моралот на војската. Така тој ја повел целата екипа од своето радио-шоу по воените бази низ земјата, од каде ја емитувал редовната неделна емисија. Овие емисии со патриотска содржина биле многу популарни кај публиката.
Боб Хоуп и неговата патувачка група од пеачи, танчери и други изведувачи забавувала милиони американски војници за време на Втората светска војна, Корејската и војната во Виетнам, но и во Бејрут во осумдесетите, за време на операцијата Пустинска луња во деведесетите, а во 1994 година, иако опаднат, 91-годишниот Боб Хоуп отпатува на брегот на Нормандија за годишнината на Денот Д.
Боб Хоуп играше во десетина филмови. Негов близок пријател и чест партнер во актерството беше пејачот Бин Кросби. Заедно направија седум филмови – „На пат кон Занзибар“, „На пат кон Мароко“, „На пат кон Утопија“ итн.
Во знак на благодарност за неговиот придонес, во 1988 година, во Палм Спрингс, Калифорнија, е формиран Културен центар Боб Хоуп. Претседателот Роналд Реган во таа пригода му даде специјална награда - Награда Хоуп или со игра на зборови – Награда за надеж.
Конгресот му даде признанија неколку пати, а последното беше во 1997 со кое стана Почесен ветеран – прв поединец кој доби таква почест во американската историја. Секогаш горд на своето британско потекло, од британската кралица Елизабета доби титула почесен витез во 1998-ма, како признание за забавување на сојузничките сили во Втората светска војна.
Боб Хоуп, кого го викаа и Човекот со милион шеги , најголем дел од животот го мина во засмејување на луѓето. Приказната за него ја завршуваме со неговите зборови - Благодариме за спомените, од истоимената песна.