Линкови за пристапност

Живковиќ: Подготвени сме за партнерство со САД - 2003-07-28


Во Србија има корупција, како и во секоја земја во транзиција, но ние се бориме за нејзино целосно искоренување, а во тоа сме најдобри во целиот корупус земји во транзиција, истакна премиерот на Србија Зоран Живковиќ. Тој во Националниот прес-клуб во Вашингтон говореше за резултатите од економските и политичките реформи и предизвиците со кои се соочува неговата земја.

Србија и Црна Гора се подготвени повторно да бидат сојузник и стратешки партнер на САД, рече српскиот премиер Живковиќ, што е и цел на оваа негова посета на Вашингтон и Њујорк заедно со шефот на српско-црногорската дипломатија Горан Свилановиќ, и средбите со државниот секретар Колин Пауел и советникот за национална безбендост Кондолиза Рајс. Освен американска поддршка за тековните реформи, Србија од САД бара и поткрепа за интегрирање во меѓународните институции, но и простор за српските компании во обновата на Ирак.

Според г-динот Живковиќ, и по убиството на неговиот претходник, Зоран Ѓинѓиќ, во Србија продолжува жестокото темпо на реформи во сите области. Работата е завршена во делот на заштитата на човековите права и правата на малцинствата, каде ситуацијата, како што рече, е на највисоко ниво. Српскиот премиер кај американските претставници се заложил за изгласување закон со кој ќе се отвори пат за српските производи на американскиот пазар. „Добивме поддршка, која целосно ја заслуживме“, рече г-динот Живковиќ.

Американскиот став во однос на соработката на Србија со Трибуналот во Хаг не е променет и Србија ги исполнува преземените обврски, вели премиерот Живковиќ. Тој напомена дека двајца од тројцата осомничени воени злосторници за чие апсење се заложи и американскиот Стејт Департмент, Шљиванчанин и Радиќ веќе се во Хаг, а истовремено најави: „И Младиќ ќе биде во Хаг до крај на годинава ако е во Србија. За останатите обвинети решението е во тоа дека ние веќе формиравме Суд за воени злостроства во Срби и со Карла дел Понте се договоривме да ни ги препушти помалку важните случаи. Никој од 16 обвинети нема да бидат заштитени и само техничко прашање е дали се во Србија и ако се кога ќе бидат уаспени. Тоа не е заради САД, ЕУ и Хаг, туку заради нас.“

Српскиот премиер не се сомнева дека федерацијата Србија и Црна Гора ќе опстои во иднина и покрај предвидената можност за проверка дали граѓаните сакаат да останат во оваа држава по три години. „Има многу причини за да се остане заедно, но има сенки од минатото што се аргумент на оние кои мислат дека треба да се раздвоиме, но мислам дека работа на политичарите е да работат на иднината, а не на минатото“, рече српскиот премиер.

Најдобро решение за Косово, смета г-динот Живковиќ е она што ќе гарантира дека никогаш нема да се повторат непријателствата и дестабилизацијата на тој регион.

„Според резолуцијата 1244 Косово и Метохија е составен дел на државата од која доаѓам. Според таа резолуција и другите документи кои произлегуваат од неа, нашата влада презеде некои обврски како и меѓународната заедница. Ние своите обврски ги исполнивме пред 1 годана, целосно, а меѓународната заедница не исполни ниту дел од нив. На Косово дневно се гине, и Срби и Албанци и други. Во една реченица, ситуацијата е нешто подобра од пред 4 години, но е страшна за најголем број од граѓаните кои живеат таму. И тоа е одговорност на меѓународната заедница“, рече господинот Живковиќ.

Тој вели дека идниот статус на Косово ќе мора да се одреди во разговори меѓу Белград- Приштина- Брисел- Вашингтон - Њујорк, изразувајќи надеж дека тоа ќе биде договор кој ќе гарантира вечна безбедност и стабилност.

XS
SM
MD
LG