Ирак
Еден американски војник загинал а тројца други се повредени во Багдад, кога напаѓачи фрлиле експлозивна направа врз воен конвој.
Американската Централна Команда вели инцидентот дека се случил денеска во областа Ал-Рашид. Во меѓувреме, телевизиската станица Ал Арабија со седиште во Дубаи, емитуваше видео лента на која можат да се видат ирачки милитанти кои ветуваат дека ќе поведат света војна против САД. Маскирано лице на снимкатаа ја идентификува групата како организацијата Салафист Џихад, а рече и дека нејзините членови ќе се осветат на апсењето на исламските верски личности и активисти ширум светот.
Либерија
Продолжуваат борбите во главниот град на Либерија, Монровија, во време кога западноафриканските лидери се среќаваат во Гана за да ги финализираат плановите за распоредувањето на мировни сили во земјата.
Средбите започнуваат денеска во Акра, Гана и на нив ќе се разговара за плановите за испраќање на околу 1.300 нигериски војници како претходница. Официјалните лица велат дека трупите можно е да се распоредат оваа недела, но точниот датум се уште не е одреден. Инаку делови од Монровија се уште се наоѓаат под контрола на силите лојални на претседателот Чарлс Тејлор, додека доаѓаат информации оти бунтовниците го нападнале и Бјуканан, втор по големина пристанишен град во Либерија.
Израел – Палестинци
Израел ја откажа официјалната церемонија по повод завршувањето на првиот дел од контроверзната ограда што ја одвојува еврејската држава од Западниот брег.
Не е дадено официјално објаснување за откажувањето на церемонијата што се случи неколку часа откако израелскиот премиер Ариел Шарон пристигна во Вашингтон за утрешните разговори со претседателот Буш. Минатата недела г-динот Буш го критикуваше проектот за подигање на оградата, а израелските медиуми денеска известуваат дека свеченоста е откажана за да не предзвика вознемиреност во Белата куќа. Во меѓувреме, израелските трупи денеска испукале гумени куршуми за растурање на протестите на местото каде се подига оградата.
Никсон - Вотергејт
Триесет години по настанот, поранешен советник во Белата Куќа вели дека претседателот Ричард Никсон бил директно вмешан во провалата Вотергејт, која доведе до неговиот пад.
Во нов документарец, Џеб Мегрудер вели дека господинот Никсон лично наредил да се провали во седиштето на Демократската партија во Вашингтон, во 1972 година. Мегрудер, еден од затворените по овој инцидент, вели дека слушнал оти претседателот на менаџерот на неговата кампања Џон Мичел, му рекол да постави прислушни апарати во седиштето на опозицијата. Се сметаше дека господинот Никсон бил вмешан само во прикривањето на операцијата. Инаку, тој инцидент доведе до сослушувања за отповикување и до единствената оставка на функцијата на американски претседател.
Почина Боб Хоуп
Еден од најомилените американски комичари, Боб Хоуп, почина вчера од пневмонија во својот дом во Лос Анѓелес на 100-годишна возраст.
Откако ја слушна веста за смртта на г-динот Хоуп, претседателот Буш изјави дека Хоуп го засмејувал и го подигал духот на Американсците. Господинот Хоуп играше во близу седумдесет филмови, но веројатно најмногу ќе биде запаметен по неуморното забавување на американските трупи во странство, по турнејата која траеше од Втората светска војна па се до првата војна во Заливот. Во чест на неговиот 100-ти роденден, Холивуд го прогласи господинот Хоуп за граѓанин на столетието.