Линкови за пристапност

Извештајот за 11 септември без делот за Саудиска Арабија - 2003-07-28


Сенаторот на Демократите од Флорида, Боб Греам е ко-претседавач на конгресната работна група што вршеше истрага за терористичките напади на 11 септември, а во истовреме и еден од кандидатите во неговата партија за претседателските избори во 2004-та. За ТВ-мрежата Фокс господинот Греам кажа дека има две причини зошто 28 од вкупно 850 страници од извештајот на Конгресот биле издвоени како недостапни за јавноста. Една е во врска со дипломатијата, а другата, според сенаторот, е поврзана со заштитата на федералните агенции од непријатности :„Тоа е сторено со цел да се заштитат односите со странски влади, особено со една странска влада, како и да се сокрие и да не се објавува пред американскиот народ неспособноста и некомпетентноста на федералните агенции што беше фактор кој придонесе за 11 септември.“

Во многу медиумски извештаи се наведува дека Саудиска Арабија е државата во извештајот на Когресот која наводно обезбедувала некаков вид помош за извршителите на нападите на 11-ти септември. Саудиските власти, според коментарите што ги даваат во јавноста, се на мислење дека извештајот се однесува на нив. Минатата недела, саудискиот амбасадор во САД, Принцот Бандар бин Султан, се жалеше дека Саудиска Арабија, цитираме, “може јавно да се справи со проблемите, но не може да одговори на иставени страници“.

Но копретседавачот со конгресната истрага, конгресменот од Флорида Портер Гос, инсистира дека има легитимни причини делови од извештајот да останат строго доверливи. Господинот Гос за ТВ-емисијата 'Meet the Press,', изјави дека продолжува истрагата за врските меќу странските влади и ал-Каида и дека информациите за тоа треба да се чуваат се додека не заврши истрагата.

„Има три причини зошто информациите ги прогласуваме за тајни: една за да се заштитат изворите и методите, друга е за да се заштити тековната истрага и трета е да се заштитат чувствителните странски контакти. Баравме активна истрага. Таа истрага е во тек. Не сакаме да ја загрозиме.“, кажа господинот Гос.

Господинот Гос тврди дека празните страници на конгресниот извештај ќе бидат објавени кога ќе биде завршена истрагата.

Но, тоа не е доволно за лидерот на Демократите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, демократ од Калифорнија. Таа вели дека виталните информации што се однесуваат на тероризмот мора да бидат објавени со цел САД да можат да се одбранат во случај на нови терористички напади.

„Вистина е дека изворите и методите на тековната истрага и за нашите стратешки интереси треба да бидат тајни. Но за да се заштити тоа, не мора да заштитуваме репутации. Треба во иднина да го заштитиме американскиот народ. Тајноста не и служи на таа цел.“, кажа госпоѓа Пелоси.

Во извештајот на Конгресот се изнесени детали за серија пропуштени можности пред 11 септември, кои доколку биле искористени, можеле да ги алармираат федералните власти дека претстои терористички напад.

По објавувањето на конгресниот извештај, Белата куќа објави соопштение во кое се вели дека американските агенции за спроведување на законот и разузнавачките агенции тесно соработуваат со помош на нови средства за спречување на терористички напади.

XS
SM
MD
LG