Претседателот Буш му кажа на секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд да позиционира „соодветен воен капацитет“ околу либерискиот брег како поддршка на планираните мировни сили од Економската заедница на западно-африканските земји.
Во писмената изјава со секретарот за печат на Белата куќа, Скот МекКлилан се вели дека американската улога ќе биде временски и бројно ограничена, додека мултинационални сили под надлежност на ОН ќе ги продолжат мировничките задачи, како што претставниците на ОН ќе преговараат за политичка транзиција.
Во изјавата се повторува барањето од претседателот Буш за оставка на либерискиот претседател Чарлс Тејлор, но и натаму остануваат отворени прашањата за тоа дали американските трупи ќе учествуваат во мировните сили.
Г-динот Буш се наоѓа под притисок на лидерите на западно-африканските земји и на некои членови на американскиот Конгрес за испраќање американски војници во земјата основана од ослободените американски робови. Г-динот МекКлилан вели дека претседателот Буш се уште не одлучил дали ќе испрати вакви трупи. Тој истакнува дека американски официјални лица „активно се ангажирани“ во планирањето на мировничката мисија на состаноците во Сенегал, Сиера Леоне и во седиштето на ОН во Њујорк.