Ирак
Американската армија им дозволи на новинарите да ги снимат телата за кои велат дека се на синовите на Садам Хусеин, Удај и Кусај, во обид да ги уверат Ирачаните дека браќата се мртви. Американски портпарол кажа дека телата биле средени пред денешното снимање. На снимката што потоа беше емитувана прикажано е дека е исчистена крвта и раните што се гледаа на фотографиите што беа објавени вчера. Американските власти дозволија снимање откако многу Ирачани кажаа дека фотографиите не се доволно јасни за да ги убедат дека тоа се телата на браќата Хусеин. Американската армија вели дека Кусај и Удај биле убиени во вторникот во престрелка со американските сили во ирачкиот град Мосул.
Либерија
Дипломатскиот дел во либерискиот главен град Монровија денеска беше погоден од артилериски гранати, при што загинале десетици лица, а висок претставник на ОН побара итно распоредување на мировници. Седуммина од загинатите биле од стотиците бегалци кои се наоѓале во локалното училиште. Меѓу жртвите има и мали деца. Се известува дека се ранети околу 100 лица. Многумина се пренесени во главната болница во Монровија, која е преполна по еднонеделните борби меѓу владините сили и бунтовниците. Последниот напад се случи кога претставикот на ОН за бегалци побара итно распоредување на мировнички сили. Западноафриканските лидери се согласија да испратат нигериски сили во Либерија, но се уште не го одредиле точниот датум.
Израел-Палестинци
Израелски војник убил палестинско дете на север на Западниот брег, само неколку часа пред палестинскиот премиер Махмуд Абас да се сретне со претседателот Буш на разговори за мировниот процес на Блискиот Исток. Израелските власти велат дека денешниот инцидент на воен контролен пункт кај Џенин, бил несреќен случај, но Палестинците се револтирани и велат дека се работи за пукање што не било испровоцирано. Едно четиригодишно момче е убиено, а двете негови сестри биле ранети, кога било пукано врз нивниот автомобил. Во меѓувреме, палестинските власти велат дека господинот Абас се надева денешните разговори во Белата куќа да ги искористи за да го убеди господинот Буш да изврши притисок врз Израел да ослободи повеќе палестински затвореници наместо неколку стотици колку што ослободи досега
Северна Кореја
САД воведоа нови санкции против државната севернокорејска фирма која наводно продолжува да продава делови од проектили и технологија. Стејт Департментот денеска ги објави овие мерки. Се работи за Корпорацијата Чангванг Синјонг, која е севернокорејска компанија што и порано е споменувана. Пред три недели САД воведоа санкции за оваа фирма затоа што наводно продавала технологија за прокетили на Иран. Санкциите се главно симболични затоа што САД веќе ја забранија трговијата со Северна Кореја. Во меѓувреме, советникот за национална безбедност на јужна Кореја, Ра Јонг-јил кажа дека мултилатералните преговори за програмата за нукеларно оружје на Северна Кореја можно е да се одржат веќе идниот месец. Тој не кажа кои земји би можеле да учествуваат
Роденден
Првото дете родено со вештачко оплодување денеска го прославува 25-от роденден. Луис Браун е првото беше што беше родено на тој начин во англиската болница Олдхем во 1978 година. Родителите на госпоѓица Браун не можеа да имаат дете на природен начин. Британката која сега работи во пошта во Бристол ќе го прослави роденденот в сабота заедно со уште стотици деца што се родени со третман против неплодност. Оваа револуционерна процедура е дело на двајца гинеколози, Патрик Степто и Роберт Едвардс, кој е професор на Кембриџ. Оттогаш со вештачко оплодување се родени над милион деца.