Реакциите што доаѓаат од Багдад по веста за смртта на синовите на Садам Хусеин се различни.
Ноќеска, во Багдад одекнуваа рафали на славје, но денеска низ улиците на главниот ирачки град се чувствува недоверба во однос на судбината на двајцата озлогласени синови на Садам.
Многумина Ирачани, како инженерот Адел Сајед за Гласот на Америка изјавија дека сакаат да веруваат оти синовите на Садам навистина се мртви.
Но тој вели дека без да види слики од нивните тела на телевизија, вестите за нивната смрт и натаму му се чинат нереални. Г-динот Сајед смета дека единствените Ирачани кои ќе жалат поради нивното убиство се поддржувачите на Садам кои живеат во селата северно и источно од Багдад и оние кои профитирале за време на неговиот режим.
Ум Мохамед Латифа, кревка жена завитката во црна наметка, која купува основни намирници за нејзиното семејство, не може да го скрие задоволството од оваа вест.
Се разбира дека сме радосни, вели таа, тие страшни момчиња помагаа во правењето масовни гробници. Нивната Влада им служеше само ним, вели таа, додавајќи дека би сакала и нивниот татко да ја сподели истата судбина со нив.
Сосетката на Латифа, Надиа Шариф, исто така со воодушевување ја прима оваа вест, но вели дека таа и натаму е загрижена за безбедносната ситуација во Ирак.
Уште еден жител на Багдад, д-р Рафик Ал- Калиди изразува олеснување по смртта на двајцата браќа, но исто така е во очекување и на вест за смртта на уште едниот Хусеин.
Тој предупредува дека ниту еден Ирачанец нема лесно да дише додека Садам Хусеин не биде пронајден и конечно не му биде пресудено.