Ирак
Американската Централна Команда вели дека еден американски војник е убиен, а друг повреден во денешниот напад од заседа западно од Багдад.
Во меѓувреме, жителите на градот Мосул во северен Ирак велат дека американските сили денеска упаднале во една куќа барајќи ги синовите на Садам Хусеин Кусеи и Удај. Новинската агенција Ројтерс цитира американски офицер кој вели дека во рацијата биле уапсени неколку лица, цитираме, од мошне голем интерес.
Ирак - ОН
Делегација од новоформираниот ирачки владин совет, денеска треба да има своја презентација во ОН, во време кога Советот за безбедност почнува со дискусија по извештајот на Генералниот секретар Кофи Анан за повоената ситуација во Ирак.
Вчера господинот Анан го поздрави создавањето на ирачкиот совет, нарекувајќи го позитивен чекор. Во својот извештај за Ирак, тој наведува начини на кои ОН ќе можат да помогнат во реконструкцијата на Ирак, а во истовреме ги повикува САД и Британија да постават рок за враќање на суверенитетот во земјата.
Британија – Оружје
Британскиот премиер Тони Блер вели дека тој не дозволил да се објави името на стручњакот за оружје Дејвид Кели на медиумите, неколку дена пред господинот Кели наводно да се самоубие.
Премиерот Блер ова го изјави на патот за Хонг Конг. Господинот Кели беше пронајден мртов минатата недела, кратко време откако беше објавено во јавноста дека тој е главниот извор на контроверзниот извештај на Би-Би-Си, во кој се вели оти Британија ја пренагласила заканата од ирачкото оружје за масовно уништување пред да се отпочне воена акција во Ирак. Во меѓувреме, г-динот Блер пред студентите на Универзитетот во Пекинг истакна дека се уште верува оти да се оди во војна со Ирак, била правилна одлука. Британскиот лидер се соочува со повици да поднесе оставка на функцијата по смртта на господинот Кели.
Либерија
Либерискиот министер за одбрана вели дека во Монровија биле убиени најмалку 600 цивили во изминативе неколку дена во борбите меѓу владините трупи и бунтовнициите кои се обидуваат да го симнат од власт претседателот Чарлс Тејлор.
Коментарите на министерот Даниел Чеа доаѓаат во време кога започнуваат средбите меѓу западно-африканските лидери во Сенегал на кои ќе се разговара за распоредување на меѓународни мировни сили во Либерија. Во Вашингтон, либерискиот вршител на должноста амбасадор во САД, Арон Коли, ги повика САД да го покажат, како што го нарече човечкото лице, кон ситуацијата и тоа преку испраќање трупи кои би помогнале за враѓање на мирот. Економската заедница на Западно-африканските земји ЕКОВАКС вети дека ќе испрати почетен контингент од 1.500 мировници, чиј број подоцна ќе биде зголемен.
Северна Кореја
Кинеските лидери индицирале оти за неколку недели можна е нова рунда разговори околу севернокорејската нуклеарна програма.
Ова го изјави британскиот премиер Тони Блер по средбите со кинеското раководство во Пекинг. Тој не појасни кои земји би учествувале во предложените разговори. Кина се обидува да организира преговори помеѓу Северна Кореја и САД. Дипломатската активност доаѓа во време на продолжителни индикации дека Северот има намера да ја обнови работата врз програмата за нуклеарно оружје, која се согласи дека ќе ја замрзне во 1994-та година. Во меѓувреме Белата куќа го демантираше извештајот дека САД го разгледуваат прашањето да понудат гаранции за ненапаѓање на Северна Кореја, доколку таа се откаже од своите нуклеарни амбиции.
Израел – Палестинци
Палестинскиот премиер Махмуд Абас вели дека од САД ќе побара да извршат притисок врз Израел да ги почитува обврските кон мировниот процес.
Господинот Абас зборуваше денеска во Каиро, каде се сретна со Генералниот секретар на арапската лига, Амр Муса. Тој истакна дека при средбата со претседателот Буш в петок во Вашингтон, ќе побара да се одреди рок за имплементирање на такаречената мапа кон мирот. Господинот Абас ќе побара американска поддршка во вршење притисок врз Израел да ги урне нелегалните населби на Западниот брег, да ја замрзне изградбата на нови населби, како и да се забрза постепеното повлекување на израелските трупи од палестинските градови. На дневниот ред на палестинскиот премиер ќе се најде и прашањето за ослободување на околу шесте илјади палестински затвореници од израелските затвори
Саудиска Арабија - Апсење
Саудиските власти велат дека вчера уапсените 16-те осомничени милитанти, се поврзани со Ал-Каида.
Во изјавите објавени во дешните изданија на арапските весници, сауидискиот министер за внатрешни работи, Принцот Наџеф вели дека сите уапсени биле државјани на Саудиска Арабија, на возраст меѓу 17 и 30 години. Вчера, саудиското Министерство за внатрешни работи го соопшти апсењето на шеснаесетемина, а на националаната телевизија беа прикажувани снимки од големо количество оружје, експлозиви и хемикали. Ова е најголемо количество оружје покажано на саудиската телевизија, откако земјата отпочна акции против милитантите по самоубиствените бомбашки напади во на 16-ти мај во Ријад, во кој загинаа 35 лица.