Извештајот, по барање на Конгресот, го подготви Канцеларијата на генералниот инспектор на Оделот за правда, Глен Фајн, кој како независна инстанца ја контролира работата на различните агенции за спроведување на законот во рамки на овој владин оддел.
Според законот за анти-тероризам, што помина во Конгресот и е познат по името Патриотски акт, од Генералниот инспектор зависи дали ќе поведе истрага за наводните прекршувања на граѓанските права на притворени лица за кои е одговорен Одделот за правда. Во најновиот извештај е констатирано оти точно 34 случаи на малтретирање се веродостојни и треба да се истражат. Инаку, во изминативе шест месеци се поднесени над 1.000 слични жалби.
Минатиот месец, генералниот инспектор на Одделот за правда, Глен Фајн, пред сенатската Комисија за правосудство изложи некои почетни информации за наводите за малтретирање.
“Ваквото малтретирање се однесува на удирање на некои затвореници од ѕид, нивно влечење за раце, стапнување на ланецот со кој се врзани нозете на притворениците, виткање на нивните раце, зглобови и прсти и изрекување закани, употребувајќи ги зборовите како – „ќе почувствувате болка“ или „ќе умрете тука“.“, изјави господинот Фајн.
За повеќето од наводните малтретирања се товарат стражарите кои работат во затворските центри во надлежност на Бирото за притвор и каде се сместени притворените по нападите од 11-ти септември.
Претставници на Одделот за правда велат дека сериозно ги земаат обврските за заштита на граѓанските права согласно Патриотскит акт, и тоа за секого, па дури и за оние притворени за наводна поврзаност со терористички активности. Во Одделот за правда наведуваат дека обвиненијата ќе бидат темелно истражени, но напоменуваат дека стотици други обвиненија против Одделот, изречени во изминативе неколку месеци, биле отфрлени или како неверодостојни или не било возможно да се докажат.