Линкови за пристапност

Американската одбрана следната година ќе располага со буџет од 367 милијарди долари - 2003-07-18


Американскиот Сенат го одобри предлог законот за трошоци за одбраната во висина од 367 милијарди долари во буџетот за идната година. Демократите ја искористија расправата за законот за да му се спротивстават на претседателот Буш во врска со Ирак.

Иако законот беше усвоен едногласно, Демократите го критикуваа бидејќи во него не се содржат финаниските средства за воените операции во Ирак и Авганистан. Се очекува претседателот Буш за тие средства да достави посебно барање.

Демократите ја обвинуваат администрацијата дека не ги изнесува сите податоци пред даночните обврзници за тоа колку чини окупацијата на Ирак и Авганистан, за што претставници на одбраната велат дека достигнува до пет милијарди долари месечно. Ова е сенаторот Роберт Брд од Западна Вирџинија:

„Тоа не е прифатлив начин за плаќање на нашите мисии во странство. Тоа е очигледно обид за мамење на американскиот народ за политиката на владата што води кон фискална катастрофа“, рече тој.

Демократите ја искористија тридневната расправа за овој закон за да извршат притисок за поведување истрага за разузнавачките податоци од пред војната за ирачките програми за оружје и за интернационализирање на американската окупација. Но Републиканците ги поразија нивните обиди.

Сенаторот на Демократите од Северна Дакота, Кент Конрад вели дека сомневањата околу изјавата на претседателот за ирачката набавка на ураниум од Африка отвара прашања за другите твдења на владата во врска со оваа војна.

Тоа предизвика остра реакција од републиканскиот сенатор Мич МекКонел од Кентаки, кој потсети на курдските жртви во суровите напади што ги извршил поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин во 1987 година.

„Можеби сенаторите треба да му кажат на семејството на курдската жена и нејзиното дете дека Садам Хусеин немал оружје за масовно уништување и дека ние погрешивме што го ослободивме репресираниот народ. Нека го објаснат тоа овие сенатори на оваа жена и на нејзините соселани од кои стотици биле убиени во напад со гас што го извршил Садам Хусеин“, истакна сенаторот МекКонел.

Законот што беше усвоен во Сенатот ќе треба да биде усогласен со сличната мерка што минатата недела ја донесе Претставничкиот дом, пред конечната верзија на законот да му биде доставена на претседателот Буш на потпис.

XS
SM
MD
LG