Американската владина агенција за следење на болести, Центарот за контрола на болести, потврди дека има четири случаи на вирусот Вест Нил, и тоа два во Тексас и два во Јужна Каролина.
Директорот на Центарот Џули Гербердинг вели дека бројот на заразени ова време минатата година бил ист. Но таа е загрижена поради географското ширење на вирусот. 30 федерални држави пријавија дека вирусот е активен кај комарци, животни и кај луѓе, во споредба со 22 држави ова време минатата година.
„Активноста на вирусот е зголемена на национално ниво. Исто така, предвидуваме дека ќе дојде до пораст на активноста на вирусот Вест Нил кон крајот на јули и во август“, истакна госпоѓа Гербердинг.
Степенот на активноста на вирусот ова лето наведува на тоа дека тој може да погоди повеќе Американци од лани, кога беа заразени над 4.000, а починаа вкупно 300 во 6 федерални држави. Порастот е експлозивен уште од почетното ширење во 1999 година, кога беа зарзаени 62 лица.
Засега нема лек, но истражувачите напредуваат кон изнаоѓањето вакцини и лекови.
Без лек за вирусот Вест Нил, директорот на Центарот за контрола на болести, Џули Гебердинг вели дека засега превенцијата е единствената заштита. Таа ги предупредува сите во областите каде има комарци да ги покриваат нозете и рацете, да користат средства против инсекти и да ги отстранат застоените води што ги привлекуват комарците.