Линкови за пристапност

Најнови вести, 15 јули - 2003-07-15


Северна Кореја

Администрацијата на Буш вели дека Северна Кореа открила дека планира да започне со произведство на нуклеарно оружје. Портпаролот на Белата Куќа денес потврди дека Северот тоа го открил минатата недела за време на средбата во Њујорк со претставникот на Стејт Департментот, Џек Причард кој е надлежен за односите со оваа земја. Портпаролот кажа дека Пјонгјанг известил за процесирање на доволно плутониум за производство на неколку нуклеарни бомби. Портпаролот на Белата Куќа исто така кажа дека Вашингтон не може да ја потврди веродостојноста на соопштението на Северна Кореа. Северна Кореа инсистираше на директни разговори со Вашингтон, но администрацијата на Буш вели дека сака мултилатерални разговори за решавање на кризата.

Ирак

Извори блиски на членови на новиот ирачки раководен совет велат дека ова тело планира да воспостави суд за воени кривични дела кој ќе суди членови на режимот на Садам Хусеин. Истите извори велат дека советот ја донел одлуката денеска, на третиот ден на средбите откако е формиран во неделата. Американските претставници не реагираа веднаш дали ја поддржуваат таквата одлука. Но Пол Бремер, главниот американски администратор за Ирак кажа дека се радува на формирањето на советот. Во забелешките пред новинарите денеска тој советот го нарече силен партнер на САД за формирање на демократски Ирак.

Авганистан-напад

Осомничени талебански борци нападнале полициска станица во јужен Авганистан и го убиле шефот на полицијата и уште четворица полицајци. Властите велат дека нападот се случил синоќа во областа Горак, во провинцијата Кандахар. Полицијата вели дека напаѓачите дошле до зградата со неколку автомобили и упаднале во станицата. Никој не ја презеде одговорноста за нападот, но властите сметаат дека се работи за остатоци од соборениот талебански режим. Во одвоен инцидент американските претставници на армијата велат дека непознато вооружено лице вчера нападнало конвој на американските специјални сили,во североисточен Авганистан, во близина на Асадабад. Од овој напад нема жртви.

Либерија

Додека Вашингтон ја разгледува можната улога на американските сили во Либерија, бунтовниците во оваа африканска земја бараат надмоќно присуство на американските сили во нивната земја. Главната бунтовничка група Обединети Либеријци за помирување и демократија денеска соопшти дека американските трупи ќе имаат психолошко влијание и ќе значат крај на граѓанската војна во земјата. Во меѓувреме Економската заедница на западно-африканските држави ЕКОВАС назначи еден нигериски бригаден генерал да раководи со војниците кои го набљудуваат прекинот на огнот во Либерија. Во Вашингтон, Белата куќа денеска уште еднаш повтори дека претседателот Буш ја разгледува можноста дали да испрати ограничен број трупи да се распоредат во Либерија, откако либерискиот претседател ќе поднесе оставка и ќе ја напушти земјата.

Франција-Ирак

Францускиот претседател Жак Ширак повторно изјави дека неговата земја нема да испрати мировници во Ирак без тие да имаат мандат од ОН. Францускиот лидер кажа дека учеството во коалиционите сили во Ирак не е можно под актуелните услови. Неговиот портпарол, Катрин Колона истакна дека г-динот Ширак ова го изјавил денеска во Париз, за време на разговорите со чешкиот претседател Вацлав Клаус. Минатата недела, и францускиот министер за надворешни работи, Доминик де Вилепен за еден француски весник изјави дека неговата земја ќе и се придружи на мировната мисија во Ирак само доколку добие мандат од Советот за безбедност на ОН.

САД-економија

Раководителот на американските федерални резерви Алан Гринспен вели дека Централната банка е подготвена доколку е неопходно уште повеќе да ги намали каматните стапки, за поттикнување на економијата. Минатиот месец Федералните Резерви ги намалија клучните каматни стапки во САД на најниското ниво во изминативе 45 години. Г-динот Гринспен вели дека Централната банка е подготвена да го задржи ова ниско каматно ниво оноклку време колку што ќе биде неопходно за враќање на економијата во нормалниот тек. Неговата денешна изјава пред конгресната комисија уследи по прогнозите од Белата куќа за рекорден буџетски дефицит годинава од 455 милијарди долари, што е за 50 проценти поголем од претходните проценки. Претходно, рекорден буџетски дефицит беше забележан во 1992 година, кој изнесуваше 290 милијарди долари.

Европа-топлотен бран

Топлотниот бран што зафати најголем дел од Европа ги присили италијаснките власти да ја разгледаат можноста за прогласување вонредна состојба. Официјални ливца изјавуваат дека оваа мерка ќе биде неопходна доколку до крајот на месецов во северна Италија не заврне дожд. Тие побараа од населението да го намалат нивото на користење на вода, додека нивото на реката По која тече низ главната земјодеслка област на земјата, опадна за седум метри под нормалата. За слични временски услови, извештаи пристигнуваат и од Франција, а рекордно високи температури се забележани во Британија, Германија, Шпанија и Швајцарија.

XS
SM
MD
LG