Линкови за пристапност

За иднината на Меѓународниот кривичен суд - 2003-07-15


Во септември, 1947-та година, обвинителот Бенџамин Фаренц, пред трибуналот во Нирнберг, во Германија се обидуваше да го претстави случајот против дваесет и двајца нацисти обвинети за масакр на повеќе од еден милион невини луѓе.

“Треба да докажеме без никакви дилеми дека масакрот извршен од обвинетите не бил наложен од воени потреби, туку од силата на искривена мисла, од нацистичката теорија за надмоќта на една раса. Нашиот случај е барање да се најде човечкото во законот“, кажа Фаренц.

Само три години пред тоа, г-динот Фаренц беше американски војник кој се бореше да ја ослободи Европа од нацистите. Тој беше меѓу првите кои влегоа во нацистичките логори.

Денес, на 83-годишна возраст, г-динот Фаренц се уште работи за идеалите на Нирнбергшкиот суд, но сега преку првиот постојан Меѓународен кривичен суд.

“Меѓународниот кривичен суд е формиран да го штити светот од злосторства кои универзално претставуват закана за целото човештво и тоа е она што се обидувавме да сториме во Нирнберг и тоа е она за што САД се залагаа и верувам дека за тоа денес се залага и мнозинството од американскиот народ“, изјави Фаренц.

Околу 90 земји, вклучувајќи и многу американски сојузници како Канада, земјите од ЕУ, Бразил и Јужна Кореја го подржуваат овој суд. Но тоа не е случај со сите држави. Повеќето од диктатурите во светот го игнорираат. Дури и неколку демократски земји, вклучувајќи го Израел, Индија и САД изразија резервираност. Администрацијата на претседатлот Буш остро се противи на судот и е решена да ги иззме американските граѓани од неговата јурисдикција.

“Доколку Американците имаат 250.000 трупи распоредени низ светот, кои придонесуваат за безбедноста во одреден регион, тие се се во уникатна позиција да бидат ранливи на јурисдикцијата на овој суд“.

Рут Веџвуд, професот по меѓународно право на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон е загрижена што судот можно е да биде употребен за зголемување на политички мотивирани обвиненија против американски лидери или војници, што претставува и став на Белата куќа.

“Некои луѓе на Меѓународниот кривичен суд гледаат како на средство за справување со американската моќ. Тоа е кога, на пример, Французите не можат да победат во Советот за безбедност, тогаш тие случајот ќе го пренесат во Меѓунаордниот кривичен суд и ќе ги обвинат САД за агресија или за прекршување на правилата на војната“, смета Веџвуд.

Г-ѓата Веџвуд вели дека американската администрација има голем проблем со фактот што Меѓународниот кривичен суд може да гони поединци и од земји кои не го ратификувале договорот за основање на судот. Таа вели дека со тоа, американските мировници се доведуваат во ризик од гонење од страна на овој суд, додека се наоѓаат во други земји.

Но, Бен Ференц вели дека ова е преувеличено и погрешно стравување. Како поранешен војник, тој вели дека не би поддржал ништо што би претставувало опасност за американските трупи било каде во светот.

“Меѓународниот кривичен суд би немал надлежност врз американски војници, додека лидерите се одговорни за извршување на геноцид или злосторства против човештвото, што значи злосторства од таква важност, што ќе претставуваат грижа за целата меѓународна заедница. Никаде во светот американските трупи не го прават тоа. Судот е за луѓе како Садам Хусеин, како Адолф Хитлер, како Сталин, за луѓе кои наредуваат да се извршат такви злосторства“, смета Ференц.

Г-динот Ференц уште вели дека составот на 18-те главни судии, од кои многумина се од водечките американски сојузници, како Канада и Велика Британија, ја обезбедува непристрасноста на судот.

Администрацијата на претседателот Буш сепак инсистира на тоа дека ризикот за американските граѓани е преголем. Американската влада презема чекор што разлутува многу земји, како што е прекинот на голем дел од воената помош за десетина свои сојузници кои одбија да го поддржат имунитетот на САД од Меѓународниот кривичен суд.

Бен Ференц вели дека актуелниот страв од тероризам е причината што администрацијата на г-динот Буш ја одбива поддршката на судот, но САД и другите можат подоцна да се приклучат.

“Доколку се покаже дека судот функционира чесно и праведно и доколку се смени власта во Вашингтон, САД ќе се придружат“, вели Ференц.

Така, погледот на светската заедница несомнено ќе биде свртен кон почетокот на работата на историскиот Меѓународен кривичен суд, кон крајот на годинава.

XS
SM
MD
LG