Линкови за пристапност

Најнови вести, 15 јули - 2003-07-15


Северна Кореја

Американските весници објавија дека Северна Кореја им кажала на САД дека планира да почне да произведува нуклеарно оружје. Њујорк Тајмс и Вашингтон Пост цитираат неименувани претставници на администрацијата на Буш кои изјавиле дека Северна Кореја ги открила своите планови на средбата минатата недела во Њујорк со претставникот на Стејт Департментот, Џек Причард кој е надлежен за односите со оваа земја. Овие неименувани извори велат дека Пјонгјанг пријавил дека процесирал доволно плутониум за да произведе шест нуклеарни бомби и дека планира набрзо да го претвори овој материјал во оружје. Американски разузнавачки експерти веруваат дека Северна Кореја веќе има едно или две нуклеарни оружја, но вчера министерот за надворешни работи на Јужна Кореја кажа дека нема директен доказ за овие извештаи.

Ирак

Илјадници американски војници кои очекуваа наскоро да се вратат дома од Ирак, сега им е кажано дека ќе останат во земјата на неодредено време. Претставници на американската армија велат дека околу девет илјади војници од американската Трета пешадиска дивизија ќе мора да останат заради нападите врз американските сили. Се вели дека моралот во единицата е низок. Во меѓувреме, новиот ирачки владејачки Совет одлучил да формира комисија што ќе ги гони ирачките воени злосторници. Новоформираниот совет исто така вели дека ќе испрати делегација во ОН за да покаже дека е легитимна власт во Ирак за време на транзицијата на земјата во демократија.

САД – Турција

САД и Турција изразија жалење затоа што американските трупи неодамна притвориле 11 турски војници во северен Ирак. Во заедничкото американско-турско соопштение се изразува жалење за инцидентот што се случил на 4 јули и заради третманот на турските војници во притвор. Американските трупи притвориле војници на турските специјални сили во градот Сулајманија во северен Ирак. Американски претставници ги обвиниле турските војници дека планирале да убијат еден претставник на ирачките Курди. Турција го отфрли ова обвинение. Војниците биле ослободени по два дена. Овој инцидент налути некои членови на турската Влада кои се закануваа дека ќе ги затегнат односите со САД.

Авганистан-напад

Осомничени талебански борци нападнале полициска станица во јужен Авганистан и убиле петмина полицајци, а најмалку двајца се повредени. Властите велат дека нападот се случил синоќа во областа Горак, во провинцијата Кандахар. Полицијата вели дека напаѓачите дошле до зградата со неколку автомобили и упаднале во станицата. Никој не ја презеде одговорноста за нападот, но властите сметаат дека се работи за остатоци од соборениот талебански режим.

САД – дефицит

Се очекува Белата куќа во својата проекција за годинава да ја зголеми висината на американскиот дефицит до рекордни 450 милијарди долари. Официјални претставници кои се запознаени со овој извештај, што треба да биде објавен денеска, велат дека во него се вклучени првичните трошоци од војната во Ирак. Тие велат дека слабата економија и даночните приходи, кои се помали од очекуваното, исто така го објаснуваат овој рекорден дефицит. Во почетокот ма годинава, Белата куќа предвидуваше дека дефицитот ќе изнесува околу 300 милијарди долари за оваа и за следната година. Досега рекордниот дефицит изнесувал 290 милијарди долари во 1992 година. Демократите сметаат дека вината за дефицитот е во намалувањата на даноците на Владата на Буш. Републиканците велат дека пониските даноци ќе овозможат нови работни места, поголеми даночни приходи, а потоа и балансиран буџет.

Тест за САРС

Швајцарската фармацевстка компанија Рош-Холдинг АГ, соопшти дека создале тест за откривање на вирусот на САРС. Во денешното соопштение на Рош се вели дека тестот на крв засега ќе им биде на располагање само на истражувачите додека не биде одобрена широка употреба. Компанијата вели дека тестот е базиран на технологија наречена полимерска верижна реакција, што им овозможува на научниците брзо да интензивираат мали количества на генетски материјал на САРС до ниво што се открива. Рош соошти дека тестот е произведен за само осум недели, што е најбрзо создаден производ на оваа компанија. И други компании произведоа тестови за САРС врз основа на истата технологија. Но Рош очекува неговите тестови најмногу да се користат затоа што се дизајнирани да се користат на машини на Рош што ги има во повеќето лаборатории.

XS
SM
MD
LG