Линкови за пристапност

Претседателските кандидати на Демократите го критикуваат Бу - 2003-07-15


Домашната политика имаше централно место на 94-годишна конвенција на најстарата национална организација за граѓански права. Среќавајќи се во Мајами, за првпат во изминативе две децении, присутните можеа да слушнат остри критики на сметка на претседателот Буш по прашања од образованието и здравствената заштита до назначувањето на нови судии.

Сенаторот Џон Едвардс од федералната држава Северна Каролина пред отворената публика кажа дека Демократската партија нивната загриженост ја зема сериозно.

“Треба да работиме. Движењето за човекови права не е осварено во Америка. Почетната позиција е да се каже вистината за нееднаквоста која се уште постои во оваа земја. А нели, вистината е нешто што за оваа администрација е проблем?“, запраша сенаторот Едвардс.

И покрај топлиот прием на кој наидоа кај присутните делегати на конвенцијата, лидерите на Здружението пред вчерашниот форум упатија остри зборови на сметка на некои од присутните шестмина канидати. Првично само четворица од деветмината демократски кандидати се согласија да учествуваат на конвенцијата-поранешниот сенатор од Илиноис, Карол Мозли, поранешниот гувернер на Вермонт, Хауард Дин, активистото за човекови права, свештеникот Ал Шарптон и сенаторот од Флорида Боб Грем.

По предупредувањето дека не можат да ги сметаат за загарантирани гласовите од Афро-Американците, уште двајца од нив-сенаторот од Северна Каролина Џон Едвардс и сенаторот од Масачусетс Џон Кери во последна минута се појавија на конвенцијата. Поранешниот гувернер на Вермонт, Хауард Дин, за кого многумина велат дека во моментов води пред останатите кандидати од неговата партија, пред делагатите на Националното здружение за напредок на обоените луѓе рече дека делегатите белци како него треба да сторат многу повеќе одошто само да собираат гласови од црнците. Тој вели дека тие исто така треба да му објаснат на мнозинството бело население колку е важна борбата против расизмот.

“На луѓето како мене треба да им е јасно дека не треба само да дојдат пред ова здружение и да зборуваат за расизмот. Тие треба за расизмот да говорат пред белото население низ цела Америка, бидејќи тоа треба да се прави на тој начин. Не можеме тоа да го правиме само кога ќе се појавиме пред афро-американска публика. За тоа треба да зборуваме пред сите. Бидејќи потребно е лидер белец да застане и на мојот народ да му објасни зошто расизмот е погрешен, зошто е присутен во ова општество и дека може да биде подобро отколку што е сега“, вели господинот Дин.

И покрај тоа што на овој форум на кандидати доминираа прашања од домашната политика, стана збор и за американската политика спрема Ирак. Неколкумина демократски кандидати гласаа во полза на интервенцијата во Ирак под американско раководство.

Сепак, наместо меѓусебните критики во однос на Ирак што беше случај во минатото, сите кандидати во Мајами се согласија дека администрацијата на Буш треба да стори повеќе за проширување на коалицијата во Ирак, за како што рекоа, да се помогне во освојувањето на мирот, сега кога е добиената војната.

XS
SM
MD
LG