Линкови за пристапност

Индија и Пакистан ги обновија дипломатските односи - 2003-07-15


Индискиот амбасадор Шив Шанкар Менон премина во Пакистан преку местото Вага, единствениот официјален граничен премин меѓу двете земји.

Г-динот Менон, инаку поранашен индиски амбасадор во Кина, за новинарите изјави дека неговата задача е подобрување на односите со Пакистан.

Со неговото пристигнување се обновуваат целосните дипломатски односи меѓу овие две сопернички држави од Јужна Азија. Овој развој на настаните се очекува да го забрза процесот на воспоставување нормални релации, што значи зголемување на бројот на персоналот во амбасадите и обновување на железничкиот и воздушниот сообраќај.

Индиско-пакистанските односи се затеегнаа по смртоносниот напад од страна на осомничени исламски милитанти врз индискиот Парламент во декември 2001-та. Њу Делхи го обвини Пакистан за инцидентот, со што се зголемија пограничните тензии и двете земји беа на работ на уште една војна.

Ситуацијата се подобри откако индискиот премиер Атал Бехари Ваџпај во април соопшти дека сака да направи последен обид за мир. Оттогаш, обете земји преземаат чекори кои даваат надеж за обновување на дијалогот.

Пакистан својот амбасадор во Индија го испрати минатиот месец.

Кашмир е главната причина за тензијата меѓу Индија и Пакистан. И двете земји сакаат да го присвојат поделениот регион во кој претежно живее муслиманско население.

Поранешниот пакистански амбасадор, Мансор Алам вели дека обете страни ќе мора да покажат флексибилност околу Кашмир во име на траен мир и стабилни односи.

“Мислам дека додека двете страни не го променат својот однос во врска со прашањето за Кашмир, нема да има некој поголем напредок. Треба да сфатиме дека едната страна треба нешто да даде, за другата да возврати“, смета господин Алам.

Со подобрувањето на односите, Индија и Пакистан деновиве разменуваат групни посети на луѓе од областа на бизнисот и културата.

XS
SM
MD
LG