Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер замина за САД, во обид да се подобрат билатералните односи меѓу двете земји, затегнати откако Германија енергично се спротистави на војната во Ирак. Една од главните точки на дневниот ред на г-динот Фишер ќе биде американското барање европските земји да имаат поголема улога во стабилизирањето на Ирак.
Американскиот секретар за одбрана, Доналд Рамсфелд минатата недела кажа дека би ја поздравил помошта за враќање на редот во Ирак од страна на вашингтонските НАТО партнери, вклучувајќи ги Франција и Германија, најгласните критичари на војната. Барањето за нивно вклулување во Ирак уследи по растечката загриженост околу речиси секојдневните напади врз американските сили во оваа земја.
Франција одговори дека ќе испрати свои војници во земјата, само доколку тие се дел од мировните сили на ОН. Германскиот одговор беше во нешто позавиена форма. Германскиот канцелар Герхард Шредер за германската телевизиска мрежа изјави дека Берлин ќе се придружи на акцијата за враќање на мирот доколку постои јасен мандат на ОН или доколку тоа го побараат привремената ирачка влада или ОН.
Во меѓувреме, американскиот Сенат минатата недела го повика претседателот Буш да го разгледа прашањето да побара распоредување на НАТО сили во Ирак. Но, околу прашањето за тоа дали Алијансата треба формално да учествува во стабилизациониот напор се уште има поделени реакции, а француските и германските дипломати велат дека нивните земји ќе гласаат против мисија на НАТО, во случај да не постои мандат на ОН.
Американските дипломати исто така велат дека повикот за бклучување на Алијансата може да биде избрзан чекор, бидејќи може да доведе до криза како претходната, кога Франција, Германија и Белгија го блокираа планот на НАТО да ја зголемат одбрамбената готовност на Турција непосредно пред војната во Ирак.
Г-динот Фишер се очекува во Вашингтон да допатува утре и ќе има серија средби со потпретседателот Дик Чејни, државниот секретар Колин Пауел, со советникот за национална безбедност Кондолиза Рајс како и со членови на американскиот Конгрес.
Германски и американски дипломати велат дека нивните земји вложуваат напори за подобрување на соработката. Германија ја подржа американската иницијатива за укинување на санкциите на ОН спрема Ирак минатиот мај. Иако Берлин се двоуми дали да испрати трупи во Ирак под актуелните услови, германската влада има најавено дека е подготвена да го продолжи мандатот на своите 4.600 војници во Авганистан до крајот на наредната година, па дури и да ги распореди надвор од Кабул, за да помогнат во процесот на обнова на оваа земја.
Најверојатно г-динот Фишер пред американските официјални лица ќе истакне дека со тоа што Германија е присутна во мировните и безбедносните мисии во Авганистан, на Балканот и на Брегот на слоновата коска, значи дека нејзините воени сили се презафатени за токму сега да се разгледува опцијата за нивно присуство и во Ирак. Сепак, германски дипломати инсистираат на тоа дека нивната земја не ја исклучува можноста да се вклучи во Ирак, доколку се задоволат германските услови.