Линкови за пристапност

Американската администрација демантира дека употребила сомнителни докази за ирачкото оружје за масовно уништување - 2003-07-14


Членовите на Владата на Буш го бранат начинот на кој ги користеле разузнавачките информации пред војната во Ирак, демантирајќи ги обвинувањата дека употребиле сомнителни докази за осомниченото оружје за масовно уништување за да добијат јавна поддршка за акцијата против Садам Хусеин. Кондолиза Рајс говореше за оваа контроверза во серија интервјуа на американските телевизии.

Актуелната контроверза се однесува на една реченица во обраќањето до нацијата на претседателот Буш на 28 јануари:

„Британската Влада дозна дека Садам Хусеин неодамна барал големо количество ураниум од Африка“,изјави г-динот Буш. Неговиот советник за национална безбедност сега вели дека изјавата на претседателкот била точна, но дека не требало да ја има во говорот. Во емисијата "Face the Nation," на Си-Би-Ес, Кондолиза Рајс кажа дека доказите не биле доволно силни за да бидат вклучени во говорот што се пренесувал на национално ниво.

„Не веруваме дека тоа го достигнува квалитетот на разузнавачките извештаи што ги користиме во говорите на претседателот“, рече г-ѓа Рајс.

Таа нашироко објаснуваше дека претседателот не ја излажал нацијата кога изнесувал докази за воена акција во Ирак. Таа кажа дека Британија и натаму смета оти нивната информација била точна, иако беше откриено дека некои документи биле лажни. Таа за неделната емисија на телевизијата Фокс изјави дека ЦИА исто така изразила загриженост заради ирачките обиди за набавка на ураниум, кој е главната компонента на нуклеарното оружје.

Таа го изјави ова откако Вашингтон пост објави дека директорот на ЦИА Џорџ Тенет ги остранил сличните тврдења во врска со Ирак од говорот на претседателот во Синсинати, Охајо, три месеца пред неговото обраќање до нацијата. Госпоѓа Рајс го потврди тоа, но додаде дека обвинувањата во говорот од Синсинати биле засновани на специфичен инцидент и специфичен извор.

Претставници на Владата велат дека Џорџ Тенет не побарал од Белата куќа да ја отстрани информацијата што се опднесувала на ирачките обиди за набавка на ураниум од обраќањето до нацијата, што е многу поважен говор. Во петокот, тој ја презеде одговорноста за контроверзното тврдење во говорот на претседателот.

Но главниот Демократ во сенатската Комисија за вооружени служби вели дека тоа не е доволно. Сенаторот Карл Левин од Мичиген за Си-Ен-Ен изјави дека потребна е истрага на Конгресот што ќе ги разгледа сите разузнавачки податоци што ги наведувал претседателот пред војната во Ирак. Господинот Левин вели дека истрагата треба да го испита и евентуалниот притисок на Белата куќа врз ЦИА за да се остранат сомневањата околу информацијата во однос на Ирак и оружјето за масовно уништување.

XS
SM
MD
LG