Линкови за пристапност

Најнови вести 11-7 - 2003-07-11


Буш - Африка

Претседателот Буш пристигна во Нигерија, по четиричасовната посета на источноафриканската држава Уганда.

Под засилена безбедност, претседателот Буш денеска пристигна во Лагос. Опозиционите групи во Нигерија се заканија со анти-американски протести. Г-динот Буш утре се среќава со нигерискиот претседател Олесегун Обасанџо на разговори кои се очекува да бидат фокусирани на извозот на нафта и на ситуацијата во Либерија. Главна цел на турнејата на претседателот низ Африка е промоција на петгодишната иницијатива за помош во борбата со СИДА-та во Африка и Карибите во вредност од 15 милијарди долари. Во Уганда, г-динот Буш ја истакна кампањата на оваа земја за намалување на преносот на вирусот ХИВ како модел за глобалната борба против СИДА-та.

Ирак

Американската армија повлекува најголем дел од своите трупи во полициската станица во ирачкиот град Фалуџа, откако тоа од нив го побара на локалната полиција.

Армијата вели дека само шестмина војници ќе останат во полициската станица како заднинска поддршка. Вчера околу 100 припадници на полицијата на Фалуџа, обучена од страна на САД, се заканија дека ќе дадат отказ доколку американските сили не го напуштат градот. Американските воени претставници денеска истакнаа дека американските трупи ќе останат во другите делови на Фалуџа, место каде се случија неколку анти-америакснки протести и напади врз американските трупи. Во меѓувреме Армијата соопшти дека двајца американски војници се повредени доцна синоќа, при артилериски напад врз базата северно до Багдад.

Блиски Исток

Израелските претставници велат дека премиерот Ариел Шарон подоцна овој месец ќе го посети Вашингтон, во време кога САД работат на прашањето за спроведување на таканаречената мапа кон мирот на Блискиот Исток.

Минатата недела, канцеларијатана г-динот Шарон соопшти дека премиерот ќе престојува во Вашингтон во септември, но израелските претставнии сега велат дека посетата ќе се оствари побрзо, по барање на Белата куќа. Палестинскиот премир Махмуд Абас се очекува да допатува во Вашингтон речиси во исто време. Во меѓувреме, палестинските милитантни групи изразуваат лутина што Израел не ослободил ниту еден палестински затворени, но велат дека ќе го почитуваат прекинот на огнот.

Сребреница

Илјадници лица присуствуваа на погребот на околу 300 босански Муслимани кои беа убиени откако српските сили ја освоија енклавата Сребреница пред точно осум години.

Првиот човек на Исламската заедница на Босна и Херцеговина, Мустафа Цериќ, одржа молитва на гробиштата што се наоѓаат во близина на ова источно босанско гратче, пред околу 20 илјади преживеани. Жртвите се само дел од вкупно осум илјади босански Муслимани, мажи и момчиња што исчезнаа кога Србите навлегоа во она што требаше да биде засолниште на ОН. Истражителите за воени злосторства велат дека Муслиманите биле масакрирани и закопани во масовни гробници. Многу босански Срби негираат дека имало масакр и велат дека Муслиманите загинале во борби.

Северна и Јужна Кореја

Несогласувањето како да се реши кризата околу севернокорејската нуклеарна програма му наштетува на напредокот од средбите на кабинетско ниво меѓу претставници на двете Кореи во Сеул.

Јужнокорејските делегати денеска предупредија дека нивната влада можно е да ги ограничи напорите за помирување со Северна Кореја, доколку оваа земја не преземе акција за намалување на тензиите. Јужнокорејската делегација повторно ги повика своите колеги од Северот да го прифатат предлогот за одржување мултилатерални разговори за нуклеарната криза. Севернокорејските преговарачи инсистираат на директни разговори со САД. Официјалниот севернокорејски весник Родонг Синмун, во своето денешно издание вели дека двете Кореи мора да соработуваат против САД. Вашингтон бара одржување на средби на кои покрај двете Кореи, би учествувале и Јапонија, Кина и Русија.

XS
SM
MD
LG