Линкови за пристапност

Демократите во Конгресот бараат јавен распит за тоа дали владата на Буш ја предимензионирала ирачката програма за оружје - 2003-07-10


Демократите во Конгресот вршат притисок за јавен распит за тоа дали владата на претседателот Буш и дала преголема димензија на ирачката програма за оружје за масовно уништување со цел да ја оправда војната за соборување на Садам Хусеин од власт.

Во понеделникот Белата куќа објави соопштение дека обвиненијата во редовното годишно обраќање на претседателот до нацијата во јануари годинава - дека Ирак се обидел да купи ураниум од Нигер, биле засновани на она што подоцна се покажало како лажен документ.

Повлекувањето на владата во врска со Ирак, што ретко се случува, поттикна некои водечки Демократи да побараат поширока конгресна расправа за начинот на кој администрацијата на Буш ги користела разузнавачките податоци за ирачкото оружје за масовно уништување за да ја оправда инвазијата.

Лидерот на Демократите во Сенатот, Том Дешл од Јужна Дакота, вели:

„Тоа е признание дека ни биле презентирани погрешни информации и мислам дека тоа е причина повеќе дека треба да се преземе целосна истрага за сите факти во оваа ситуација“.

За ова прашање се расправаше и на распитот во сенатската Комисија за вооружени служби во средата. Демократите сакаа да знаат зошто на администрацијата на Буш и требало толку време за да објави дека извештајот за ураниумот бил лажен. Еве дел од репликата меѓу сенаторот на Демократите, Карл Левин од Мичиген и секретарот за одбрана, Доналд Рамсфелд:

„Левин: Дали откривте како се случило таа информација за ураниумот да остане толку долго, како што вели Конди Рајс, во утробата на агенцијата?

Рамсфелд: Не, не би можел да ви дадам добар одговор. Би можел да се обидам да добијам официјален одговор, ако сакате. Фактот дека фактите се менуваат од време на време, во однос на нивната специфичност, мене воопшто не ме изненадува или пак шокира“.

Ова прашање го следи претседателот Буш и на патувањето низ Африка. Претседателот во Јужна Африка им изјави на новинарите дека и натаму е апсолутно уверен во неговата одлука за инвазија на Ирак, и покрај погрешното тврдење за ураниумот, што беше засновано на британското разузнавање.

„Не се сомневам воопшто дека Садам Хусеин беше закана за светскиот мир. И воопшто не се сомневам дека САД заедно со сојузниците и пријателите сторија вистинска работа што го симнаа од власт“, рече американскиот претседател.

Политичките аналитичари имаат различни мислења дали немањето на докази за програмата за ирачко оружје за масовно уништување ќе му наштети на претседателот додека се подготвува за изборите идната година.

Но, независниот политички аналитичар Чарлс Кук смета дека претседателот треба да биде позагрижен за тоа како реагира јавноста на нападите врз американските војници во Ирак, и колку долго тие ќе продолжат:

„Тоа што не е пронајдено оружје за масовно уништување нема да биде голем проблем за претседателот. Нема намалување на поддршката за војната, но затоа гледаме подривање во проценката за тоа како таа се одвива, и, во одреден момент, поддршката би можела да започне да се намалува“, вели г-динот Кук.

Аналитичарите исто така забележуваат дека на проблемот со оружјето за масовно уништување поинаку му се приоѓа во САД отколку во Британија, каде што премиерот Тони Блер може да има поголеми тешкотии и последици по функцијата во обидот да ги отфрли критиките во парламентот.

XS
SM
MD
LG