На прес-конференцијата денеска, командантот на коалиционите копнени сили во Ирак, генерал потполковник Рикардо Санчез рече дека дневните напади врз коалиционите трупи стануваат се позачестени и поорганизирани.
Генерал Санчез вели дека нема знаци оти заседите се координирани на регионално или на национално ниво, но коалиционите сили не ја отфрлаат ваквата можност.
„Ние бараме индикации дека фактички постојат командни и контролни центри кои можат да бидат идентификувани, кои издаваат наредби, директиви и планови за стратегија и кампања. До овој момент не сме откриле такво нешто. Дали некој работи по нечии командни наредби? Веројатно. Садам ни порача дека ќе ни дозволи да влеземе во Багдад и потоа ќе не напаѓа и ќе се обиде да ја скрши волјата на коалицијата, така што таа можност постои“, рече генералот Санчез.
Ирачката привремена администрација под американско раководство е уверена дека најголем дел од досегашните напади се изведени од, како што ги нарекува, професионалци поврзани со соборениот режим на Садам.
Претставниците на коалицијата исто така се длабоко загрижени во врска со двете аудиоснимки емитувани минатат недела, за кои наводно се вели дека се од Садам Хусеин. Генерал Санчез вели дека стравот оти Садам Хусеин можеби е се уште жив и планира да се врати, предизвикува страв кај Ирачаните, кои инаку ги поддржуваат целите на коалицијата.
„Фактот што сеништето на Садам се уште е присутно, независно дали е мртов или жив, има значително влијание врз народот на Ирак и неговата способност да соработува со коалицијата. Токму затоа мислам дека е важно да се дознае судбината на Садам и неговите двајца синови“, смета тој.
Многумина од 100-те припадници на новата ирачка полиција обучувана од Американците во градот Фалуџа денеска се заканија дека ќе ја напуштат работата, по синоќешниот напад со граната врз нивната полициска станица. Ирачките полицајци велат дека биле нападнати, бидејќи се сметаат за соработници на САД. Тие истакнуваат дека за 48 часа ќе ја напуштат работата, доколку американските војници веднаш не го напуштат градот.