Линкови за пристапност

Најнови вести, 9 јули - 2003-07-09


Буш во Африка

Претседателот Буш и јужноафриканскиот лидер Табо Мбеки по разговорите во Преторија, кажаа дека Африка мора да го предводи решавањето на африканските конфликти. На заедничката прес-конференција господинот Буш кажа дека со тоа што и се помага на Африка самата себе да си помогне со американска воена обука, претставува важна стратегија што ќе овозможи американските сили да не се премногу распространети. Претседателот ова го кажа во однос на Либерија, за каде што рече дека САД се уште решаваат дали да испратат свои трупи за да спроведат примирје. Од своја страна, господинот Мбеки кажа дека ја цени заложбата на господинот Буш за Либерија, но додаде дека е од клучно значење за африканските земји принципиелно да ја преземат одговорноста за решавање на нивните конфликти. Во врска со Зимбабве, господинот Буш изјави дека не би размислувал за други начини освен оние на господинот Мбеки за решавање на политичката и економската криза во оваа земја.

Ирак

Американската Централна команда соопшти дека еден поранешен ирачки лидер им се предал на коалиционите сили, а друг бил уапсен вчера. Во соопштението тие се идентификувани како Мизбан Кадр ал-Хади, висопк член на партијата на Садам Хусеин, Баат, и поранешниот министер за внатрешни работи, Махмуд Дијаб ал-Ахмад. Во меѓувреме, властите велат дека американските трупи заплениле големо количество на гранати со пропелери во возило во близина на градот Рамади. Притоа биле уапсени четири лица. Последните неколку недели ирачката герила употреби вакви гранати за речиси секојдневни напади врз коалиционите сили кои патролираат во повоен Ирак.

Израел-Палестинци

Израелското радио јави дека САД ќе побараат од Израел да ослободи повеќе палестински затвореници во обид да го намали притисокот врз палестинскиот премиер Махмуд Абас. Во извештајот се вели дека пратеникот на претседателот Буш за регионот, Џон Волф, ќе инсистира на ова американско барање на денешната средба со израелскиот министер за одбрана. Вчера премиерот Абас се закани со оставка откако доби силна внатрешна критика, главно заради начинот на кој се справува со проблемот на затворениците. Израел соопшти дека ќе ослободи само околу 400 затвореници од вкупно шест илјади Палестинци кои се наоѓаат во притвор. Палестинските милитанти бараат Израел да ги ослободи сите палестински затвореници во замена за нивно ветување дека нема да напаѓаат израелски цели.

ОН- Иран

Првиот човек на Меѓународната агенција за атомска енергија се наоѓа на разговори во Техеран во обид да го убеди Иран да дозволи построги инспекции во нуклеарните објекти. По денешната средба со иранскиот министер за надворешни работи Кемал Карази, шефот на Меѓународната агенција, Мохамед Ел Барадеј изјави дека верува оти е потребно Иран да биде максимално транспарентен во врска со нуклеарната програма. Од своја страна, господинот Карази кажа дека господинот Ел Барадеј во разговорите со иранските лидери ќе открие дека Техеран сака да соработува. Иран жестоко ги отфрла американските обвинувања дека ја користи програмата за атомска енергија како покритие за развој на нукеларно оружје.

Бангладеш-бродолом

Преполнет фериброд со две палуби, се претвртел кај јужен Бангладеш и се стравува дека загинале околу 500 лица кои биле заробени во потонатиот брод. Локалните власти велат дека на бродот имало околу 700 патници кога вчера потонал во реката Мегна, во близина на градот Чандпур, јужно од Дака. Бродот патувал од Дака до крајбрежниот град Бола. Властите велат дека околу 200 лица се спасиле со тоа што допливале на безбедно или ги спасиле локалните рибари. Во Бангладеш се чести несреќите со ферибродови бидејќи често не ги почитуваат безбедносните регулативи, вклучувајќи и ограничувањата за ноќно патување кога има невреме.

Сребреница

Илјадници жители на Сараево излегоа денеска на улиците за да оддадат почит на околу 300 Муслимани кои беа убиени откако српските сили во 1995 година ја освоија енклавата Сребреница. Камиони во кои се наоѓаа телата на починатите минаа низ главниот град на Босна до гробиштата во близина на поранешната муслиманска енклава во источна Босна и Херцеговина. Властите планираат да воведат строги безбедносни мерки за погребот што ќе се одржи в петок, на годишницата од падот на енклавата. Се проценува дека околу осум илјади муслимански мажи и момчиња изчезнале по паѓањето на градот. Во масовни гробници откриени се телата на шест илјади жртви. Обвинителите на Меѓународниот суд за воени злосторства велат дека по освојувањето на градот Србите ги одвеле жртвите и ги масакрирале, што според групите за човекови права, се смета за најголем масакар по Втората светска војна.

XS
SM
MD
LG