Линкови за пристапност

Можен американско-палестински дипломатски спор - 2003-07-09


Палестински извор вели дека палестинската управа упатила протест до Вашингтон, барајќи објаснување на забелешките што вчера наводно ги изрекол американскиот амбасадор Даниел Курцер.

Израелскиот весник Хаарец ја цитира изјавата на амбасадорот дека палестинскиот премиер Махмуд Абас бил релативно слаб човек, кој сакал да бега подалеку од проблемите.

Амбасадорот говорел пред група рабини и други лидери во Ерусалим на она што требало да биде неофицијален брифинг. Американската амбасада во Тел Авив вели дека амбасадорот бил погрешно цитиран и оти никогаш не кажал дека Махмуд Абас е слаб лидер.

САД се силни поддржувачи на премиерот Абас, нарекувајќи го нова надеж за Палестинците во потрага по мир и независна држава. Американски официјален претставник изјави дека г-динот Абас е човек со кој и САД и Израел можат да соработуваат во обидот за спроведување на мапата кон мирот. Но палестинскиот премиер стана цел на жестоки критики од неговата политичка фракција Фатах за начинот на кој ги води преговорите со Израел. Многумина Палестинци сметаат дека г-динот Абас попуштил пред американскиот и израелскиот притисок, а за возврат добил малку или речиси ништо.

Извештаите за наводната изјава на амбасадорот Курцер се наоѓаат на насловните станици на израелските весници. Обвинувањата се случуваат во време кога САД одново застанаа зад палестинскиот премиер поради критиките против него и за продолжување на напорите за напредок во мировните преговори.

XS
SM
MD
LG