Директорот на јужнокорејската Национална разузнавачка агенција, Ко Јанг-ко, пред парламентот денеска кажа дека Северна Кореја ги репроцесирала нуклеарните прачки, што биле складирани во нејзиниот нуклеарен комплекс Јонгбјон.
Вака преработениот материјал може да биде искористен за производство на нуклеарно оружје. Северна Кореја има 8.000 употребени прачки за гориво.
Северна Кореја уште од април велеше дека привршува со преработката на сите прачки.
Прачките за гориво беа дел од нуклаерна програма за плутониум, што Северот се согласи да ја прекине согласно со договорот со САД од 1994-та година. Но тој договор потоа беше поништен откако Вашингтон кажа оти Северна Кореја минатиот октомври признала дека поседува тајна програма за збогатен ураниум, што може да служи за производство на нуклерано оружје, додека во истовреме претставува прекршување на неколку меѓунаордни договори.
Шефот на јужнокорејското разузнавање кажа и дека неговата агенција потврдила оти Северна Кореја извела најмалку 70 тестови на направи што можат да се употребат за поттикнување на нуклеарни експлозии.
Изјавата на агенцијата за разузнавање на Јужна Кореја доаѓа во време на зголемена дипломатска активност на високо ниво за разрешување на нуклеарната криза на Корејскиот Полуостров.
Јужнокорејскиот претседател Ро Му Хјун во моментов се наоѓа во Пекинг на разговори за мирно решавање на спорот. Јужнокорејските претставници кои неделава во Сеул одржуваат средби на кабинетско ниво со делегација од Северна Кореја, велат дека ќе го повикаат Северот да учествува во разговори на кои би присуствувале Јужна Кореја, САД, Јапонија, Кина и можеби Русија. Засега, Северна Кореја ја отфрла оваа идеја, велејќи дека е заинтересирана само за директни разговори со САД.
Севернокорејските претставници по пристигнувањето во Сеул, денеска изјавија дека над Корејскиот Полуостров се надвиснати, како што велат, темните облаци на можна нуклеарна војна.