Извештајот на невладината и непрофитна организација, Партнерство за јавен служба, вели дека американската влада нема соодветен број експерти, со искуство потребно за предвидување, подготовка и реакција на биотерористички напад.
Студијата ја опфаќа работата на пет клучни федерални агенции во изминатава година. Извештајот заклучува дека околу половина од владините работници во сферата на одбраната од битероризам, во наредните пет години, ќе можат да се пензионираат. Потребата за вакви експерти се зголемува, се вели понатаму во извештајот, додека нивниот број се намалува.
Извештајот препорачува федералните власти да регрутираат искусен персонал во биолошката и медицинската сфера, да создадат Институт за одбрана од биотерористички напад каде би се обучувале лицата кои веќе работат во оваа област, како и да се понудат повисоки плати за да се привлечат квалификувани кандидати.
Сенаторот Сузан Колинс, републиканец од државата Меин потсети дека пред помалку од две години, писмото со спори на антракс испратено до Сенатот, претставуваше закана за престанок на работата во Конгресот. Од другите писма со спори на антракс испратени ширум земјата, починаа пет лица. Сеуште не се знае кој стои зад случајот.
Сенаторот Колинс, која раководи со сенатската Комисија за владини прашања вети дека ќе организира распит околу извештајот на организацијата, Партнерство за јавна служба и дека наоѓањата ќе бидат употребени за изготвување закон за подобрување на владината подготвеност во оваа сфера.