Линкови за пристапност

Претседателот Буш денеска заминува на турнеја низ Африка - 2003-07-07


Таканаречениот Милениумски предизвик е програма со која претседателот Буш планира да ја зголеми американската помош за Африка за околу 50 проценти во следните неколку години. Но овие средства за инвестирање во здравствениот и образовниот систем, во реформите за слободен пазар и борбата против корупцијата, ќе ги добијат само оние африкански држави кои ќе ги исполнат критериумите на програмата.

Советникот на претседателот за национална безбедност, Кондолиза Рајс вели дека господинот Буш го поттикнува доброто владеење во Африка, во надеж дека со зајакнување на еконоските параметри ќе се подобрат условите за живот на континентот.

„Овој претседател сериозно гледа на Африка, африканските лидери и на потенцијалот на овој континент, за целосно учество во светскиот раст и напредок“, истакна госпоѓа Рајс.

Претседателот Буш вели дека сака владите да преземат одговорност за инвестирањето во социјални програми и економски реформи, и да не дозволуваат донаторските средства да се користат за збогатување на владејачките партии во Африка.

„Нема да даваме срества за корумпирање на владејачките структури. Ние нема да даваме пари за нетранспарентни општества. Американските даночни обврзници и овој американски претседател веруваат оти во замена за помошта, а ние располагаме со големо количество помош, очекуваме лидерите да водат сметка за својот народ преку негова едукација и создавање на добар здравствен систем. Очекуваме пораст на нивните пазарно ориентирани стопанства и очекуваме властите да размислуваат и да имаат на ум кого го претставуваат - народот во нивните земји, а не самите себе си или владејачката елита“, вели господинот Буш.

Зголемувањето на помошта, отворањето на американските пазари за поголема трговија и повеќе средства за борба против СИДА-та, исто така се дел од обидот на администрацијата на Буш за поправање на имиџот на САД во странство. Инвазијата на Ирак под американско раководство беше непопуларна во голем број африкански земји, меѓу кои Нигерија и Јужна Африка, земји кои се дел од турнејата на американскиот претседател.

Целта на патувањето е да им се покаже на лидерите кои се скептични околу намерите на господинот Буш дека тој им излегува во пресрет на земјите на кои тоа им е потребно, додека се обидува да воспостави рамнотежа меѓу воените акции во Авганистан и Ирак и хуманитарната помош во Африка и на Карибите.

„Во време кога нашите непријатели ја почувствуваа силната волја на Америка, населението на целата планета ја согледува добродушноста на Америка“, подвлече господинот Буш.

Освен Нигерија и Јужна Африка, претседателот Буш ќе ги посети и Сенегал, Боцвана и Уганда, за да ја пренесе пораката дека Америка се грижи за иднината на Африка.

XS
SM
MD
LG