Линкови за пристапност

Иран потврди дека извршил последна проба на проектилот земја-земја кој може да достигне до Израел - 2003-07-07


Иранските власти соопштија дека извеле, како што се наведува, „проба за извршување на задачата“ на балистичката ракета Шахаб-3, што може да достигне до 1.300 километри, и со што Израел се наоѓа во нејзиниот дострел.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Хамид Реза Асафи, на новинарите во Техеран им изјави дека финалната проба на проектилот била извршена пред неколку недели.

Ова уследи откако минатата недела еден израелски весник објави дека Иран извршил проба на балистичка ракета. Официјален Техеран потврди дека била извршена проба на само неколку дена пред посетата на Техеран на раководителот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Мохамед Ел Барадеј.

Експертот за Иран, д-р Пакинам Ел-Шаркави, вели дека соопштувањето за пробата на проектилот е во склад со иранската политика на застрашување.

„Тие постојано кажуваат дека развиваат и прават се пософистицирани проектили и тоа е вид на самоодбрана, тоа е еден од нивните методи за самоодбрана во регионот“, истакна госпоѓата Ел-Шаркави.

Д-р Шаркави е професор по политички науки на Универзитетот во Каиро и вели дека со тоа што сега покажува сила, Иран испраќа порака до земјите кои ги смета за се поагресивни, меѓу кои и САД. Таа вели дека не очекува ракетната проба да попречи на посетата на господинот Ел Барадеј на Техеран, кој ќе бара објаснување за иранската нуклеарна програма.

САД го обвинуваат Иран дека развива нуклеарно оружје. Техеран ги негира овие обвинувања и тврди дека неговата нуклеарна програма е за мирнодопски цели.

Меѓународната агенција за нуклеарна енергија побара од Иран да ратификува и да примени додатен протокол на спогодбата за неширење на нуклеарно оружје, на која Иран е потписник. Со протоколот би се овластиле ненадејни инспекции на нуклеарните објекти во Иран.

Официјален Техеран, кој се наоѓа под се поголем меѓународен притисок да дозволи повеќе инспекции, вели дека е подготвен да преговара со господинот Ел Барадеј.

XS
SM
MD
LG