Прослава на 4-ти јули
Претседателот Буш, на денешното одбележување на 227 годишнина од американската независност, во Дејтон Охајо ќе и оддаде почит на американската војска, а ќе се осврне и на војната против тероризмот. „Ние победуваме во војната против тероризмот, но има уште многу работа. Во оваа мисија ние ќе преовладаме. Слободата има моќ ја претвори омразата во надеж“, се вели во пораката на претседателот Буш по повод 4 јули. „Америка е сила за доброто во светот, и пријателскиот дух на Америка е она во што веруваме. Водејќи се од храброста на нашите татковци и од одлучноста на нашата нација, ние ги славиме предизвиците што ни претстојат“, се вели во пораката. Г-динот Буш во Дејтон ќе учествува на сеќавањето на пионерите во авијацијата Орвил и Вилбур Рајт- кои пред 100 години го направиле првиот лет. Овој 4 јули се очекува да има најгуст сообраќај досега, поради големиот број Американци кои патуваат низ државата. Се најавува дека годинава безбедносните мерки ќе бидат помали, но официјални претставници велат дека и натаму нивото на будност останува високо.
Ирак
Телевизијата Ал Џазира емитуваше аудиснимка наводно од Садам Хусеин на која тој вели дека се уште се наоѓа во Ирак и го охрабрува отпорот против силите под американско раководство. Говорникот, кој кажува дека снимката е направена на 14 јуни, вели дека низ цел Ирак се формирани терористички ќелии за борба против како што истакнува окупаторите-неверници. Засега не е потвврдено дали се работи за гласот на Садам Хусеин. Оваа снимка се објавува еден ден по обновувањето на судирите меѓу американските трупи и ирачките бунтовници. Американската армија соопшти дека американските сили убиле 11 вооружени Ирачани кои нападнале еден конвој северно од Багдад. Во артилериски напад врз американската база во оваа област доцна синоќа, повредени се 17 американски војници.
Израел - Палестинци
Палестинските милитанти бараат Израел да ги ослободи илјадниците заробени Палестинци, или во спротивно ризикува пропаѓање на шестдневниот прекин на огнот. Портпаролот на милитантната група Хамас Абдел Азис ал Рантиси за Ројтерс изјави дека доколку не бидат ослободени сите затвореници, тоа ќе значи сериозно прекршување на договорот. Израелските весници пишуваат дека безбедносната служба Шин Бет составува листа на стотици затвореници кои би можеле да бидат ослободени без никаков ризик. Во меѓувреме, претставници на палестинската безбедност уапсиле најмалку четворица милитанти за кои се верува дека во средата испукале ракети врз еврејските населби на југот на Појасот Газа. Палестинскиот премиер Махмуд Абас ги осуди нападите, нарекувајќи ги неприфатливи акти на саботажа на договорот за прекин на огнот.
Либерија
Претседателот на Либерија Чарлс Тејлор изјави дека ќе се повлече од функцијата, но само по распоредувањето на меѓународните мировни сили во оваа западно-африканска земја. Г-динот Тејлор на денешниот состанок на верските лидери во главниот град Монровија рече дека не разбира зошто владата на САД инсистира за негова оставка пред пристигнувањето на американските трупи за стабилизација на Либерија. Оваа негова изјава уследи еден ден откако претседателот Буш јавно го повика поранешниот бунтовнички лидер да ја предаде власта. Администрацијата на Буш ја разгледува можноста за евентуална интервенција во Либерија, што подразбира и испраѓање американски трупи. Г-динот Буш во понеделник заминува на турнеја низ пет држави во Африка, до кога треба да ја објави и одлуката.
Берлускони – ЕУ
Спикерот на Европскиот Парламент побара дополнително објаснување од италијанскиот премиер Силвио Берлускони за споредувањето на еден германски парламентарец со чувар во нацистички камп. Пат Кокс го поздрави извинувањето од г-динот Берлускони до германскиот канцелар Герхард Шредер, но рече дека бидејќи инцидентот се случил од говорницата на Европскиот парламент, очекува прашањето да се затвори со обраќање на ирталијанскиот премиер до европските парламентрци на оваа тема. Тој говореше за инцидентот што се случи во средата кога г-динот Берлускони го спореди германскиот парламентарец Мартин Шулц со чувар во концентрационен логор. Неговите коментари уследија на критиките од парламентарците за тнр. конфликт на интересите на г-динот Берлускони во улога на премиер и на сопственик на медиумска империја.
4 јули во Франција
Франција го одбележува денот на американската независност со церемонии со кои се демонстрираат пријателските односи со Вашингтон, кои беа нарушени со разликите во врска со војната во Ирак. Туристички претставници на Париз велат дека во чест на 4 јули, Шанс Елизе се украсува со белезите на американското знаме. Голем број француски хотели и ресторани планираат активности наменети за американските туристи. Група француски граѓани положија црвени рози на гробовите на над 60.000 американски војници кои загинаа во Франција во текот на Втората светска војна. Според нив, оваа иницијатива наречена Францусите не забораваат, е наменета да се даде јасен знак за американско-француското пријателство. Туристичките работници велат дека посетите на Американците на Париз годинава опаднале за 25 проценти, во споредба со истиот период лани.