Линкови за пристапност

Стејт Департмент: Не е променет ставот околу името на Македонија - 2003-07-03


Грција протестираше затоа што САД потпишале договор во кој наместо референцата Бивша југословенска Република Македонија, стои само името Македонија. На овие грчки реакции, американскиот Стејт Депаратмент одговори дека нема промена во американската политика во однос на употребата на на референцата БЈРМ. Или како што изјави портпаролот на Стејт Департментот Ричард Баучер:

“Употребата на името Македонија треба да се сфати како неформално име на државата што беше употребено за потпишувањето на договорот. Тоа не значи промена во признавањето на името на државата. САД формално ја признаваат Македонија како БЈРМ. И натаму ги поддржуваме преговорите меѓу Грција и Македонија под покровителство на ОН за изнаоѓање решение што ќе биде прифатливо за двете страни“, изјави господинот Баучер.

Во Стејт Департментот беше потврдено и дека и грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Папандреу го покренал ова прашање во писмото што му го испратил на државниот секретар Колин Пауел.

Портпаролот Филип Рикер на прашањето од македонската редакција на Гласот на Америка дали може да се очекува САД да потпишат и други договори со употребата на името Македонија, одговори:

“Не сакам да шпекулирам за договорите во иднина. Тоа го сторивме сега, но нашата официјална политика не е променета и се надеваме дека двете страни ќе можат да го продолжат процесот под покровителство на ОН и да најдат прифатливо решение. И секако ја поттикнуваме Македонија да го заврши процесот на ратификација на договорот за членот 98. Македонија сега привремено е исклучена од забраната за воена помош и со ратификацијата на овој договор, тоа ќе биде трајна одлука“, вели Рикер.

Господинот Рикер кажа и дека потпишувањето на договорот меѓу САД и Македонија во врска со Меѓународниот кривичен суд, со што се овоможува натамошна американска воена помош, е од големо значење за стабилноста на целиот регион.

XS
SM
MD
LG