Тоа не беше ветувачко деби на некој што треба да ја утврди агендата на ЕУ во следните шест месеци.
Кога господинот Берлускони влезе во Европскиот парламент, неколку членови на Зелената партија држеа транспаренти на кои пишуваше дека секој е еднаков пред законот, алузија на тоа што италијанскиот лидер го користи законот за имунитет за да ги избегне обвиненијата за подмитување во Италија од 1985 година. На друг транспарент пишуваше Mафијашки кум на Европа, откако на насловната страница во новиот број на германското списание Дер Шпигел, господинот Берлускони беше претставен како шеф на мафија.
По говорот на господинот Берлускони, членот на Германските социјалисти во Европскиот парламент, Мартин Шулц го критикуваше конфликтот на интереси, како што смета тој, заради контролата на господинот Берлускони врз повеќето приватни телевизии во Италија и неговата функција на премиер.
Иако беше смирен во текот на критиките на другите членови на Парламентот, непредвидливиот италијански лидер, кој зборуваше преку преведувач, не можеше да оддолее да му одговори на господинот Шулц:
“Господине Шулц, знам дека во Италија еден продуцент снима филм за нацистичките концентрациони логори. Би сакал да ве предложам за улогата на лидерот. Би биле одличен за таа улога“, кажа господинот Берлускони.
Господинот Шулц, кој веднаш побара извинување, кажа дека оваа изјава покажува оти господинот Берлускони е несоодветен да ја претставува Европа. Но господинот Берлускони одби да се извини и им кажа на новинарите дека само иронично се шегувал инспириран од тонот и гестовите на господинот Шулц.
Овој инцидент ја засени презентацијата на господинот Берлускони на италијанските приоритети за ЕУ. Тој вети дека ќе работи на зајакнување на европската економија, дека ќе ја инволвира ЕУ во потрагата по мир на Блискиот Исток и дека ќе ги обнови врските на ЕУ со САД по војната во Ирак.
“Борбата против тероризмот и ширењето на оружјето за масовно уништување, поддршката за промоција на демократијата и промоцијата на човековите права и основните слободи, ги претставуваат конкретните области каде што може да ја испробаме нашата способност за изградба на цврсти односи на соработка меѓу двете страни на Атлантикот“, истакна италијанскиот премиер.
Иако доби силен аплауз во Парламентот, говорот на господинот Берлускони не ги запре критичарите кои инсистираат дека самоуверениот италијански лидер нема морален авторитет да биде на чело на ЕУ. Господинот Берлускони во лондонскиот весник Тајмс на ова одговори, дека никој не може да држи лекции за морал на влада што италијанскиот народ ја избрал на слободни избори.