Линкови за пристапност

Конференција за Ромите во Европа - 2003-07-02


Премиерите на Унгарија, Бугарија, Македонија, Црна Гора и Романија, како и министрите од Хрватска, Чешката Република, Србија и Црна Гора, Словачка и Шведска велат дека ќе преземат активности за подобрување на животот на Ромите во наредната деценија.

Главните организатори на тридневната конференција во Будимпешта, Светската банка и американскиот милијардер со унгарско потекло, Џорџ Сорос, ја поздравија оваа иницијатива.

Сепак меѓу владините лидери имаше и такви кои не се согласуваат со идејата дека социјаланата помош е најдобриот начин за подобрување на состојбата на Ромите. Така, бугарскиот премиер Симеон Сакскобурготски, чија земја е меѓу оние со најголемо ромско население, вели дека отворањето на работни места е најдобриот чекор напред.

“Социјалната помош сама по себе не е многу креативна, но таа секако компензира и помога. Со креирањето нови работни места луѓето се интегрирани, мотивирани и од себе даваат уште повеќе“, изјави премиерот Сакскобурготски.

Но Ромските лидери кои учествуваа на конференцијата велат дека полесно е да се каже отколку да се направи. Бугарскиот професор Христо Кучуков е генерален секретар на Меѓународниот синдикат на Ромите.

“Погрешна е претпоставката кај многумина дека Ромите се луѓе на кои им се допаѓа или го сакаат ваквиот начин на живот, да седат дома, да бидат невработени и да чекаат на 20 долари месечно за да земат некакво социјално осигурување, кои не се доволни навистина за ништо“, смета господинот Кучуков.

Господинот Кучуков додава дека некои Роми во Бугарија дури умираат од глад. Но, тој и други активисти велат дека се надеваат оти конференцијата во Будимпешта ќе го продлабочи сфаќањето за Ромите, најпрогонуваниот и најсиромашниот народ во Европа.

XS
SM
MD
LG